Францускиот министер за европски прашања Клемент Боне денеска изјави дека солидарноста на Европската унија може да биде загрозена доколку нејзините членки изберат кинески или руски вакцини против Ковид-19, кои сè уште не се одобрени од регулаторот на ЕУ.

„Изборот на кинеска или руска вакцина е проблем во однос на нашата солидарност, а исто така претставува и здравствен ризик, бидејќи руската вакцина сè уште не е одобрена во Европа. Поднесено е барање за одобрување, но сè уште не е одобрена, а за кинеската вакцина не е поднесено барање за одобрување, изјави Боне за радио РТЛ.

Руската вакцина Спутник В е веќе одобрена или е во фаза на одобрување во Унгарија, Словачка и Чешка, а Европската агенција за лекови (ЕМА) почна постапка за можно одобрување на ниво на целата Унија.

На 1 март, полскиот претседател Анджеј Дуда разговараше со кинескиот претседател Си Џинпинг за набавка на кинеската вакцина против Ковид-19, но полскиот министер за здравство Адам Ниеџиелски два дена подоцна рече дека во моментов не ја препорачува оваа вакцина поради недостиг на податоци.