Неколку затвореници ослободени од Русија во историска размена со Западот, вклучително и новинарот Еван Гершкович и поранешниот маринец Пол Вилан, пристигнаа синоќа во САД.
Ослободените затвореници, ноќеска, пред полноќ, во воздухопловната база Ендрус, во близина на Вашингтон, ги пречекаа американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис.
Рускиот претседател Владимир Путин, пак, на аеродромот „Внуково“ во Москва ги пречека осумте руски граѓани ослободени во големата размена на затвореници меѓу Москва и Западот при што тој им се заблагодари.
-Би сакал да ви честитам, многу ви благодарам, рече тој откако прегрна неколкумина од нив на пистата, како што прикажа руската телевизија.
Тој особено им се заблагодари на оние кои служат во руската армија за „нивната лојалност“.
Заедно со Путин, на аеродромот беа и министерот за одбрана Андреј Белоусов и директорот на ФСБ Александар Бортников, јавија руските медиуми.
На аеродромот во Келн, неколкумина затвореници ослободени од Русија и Белорусија ги пречека германскиот канцелар Олаф Шолц, кој притоа кажа дека дел од нив биле „исплашени за своите животи“.
-Беше многу емотивно, изјави Шолц по средбата зад затворени врати со ослободените, наведувајќи дека „многумина не очекуваа да бидат ослободени и се полни со емоции бидејќи конечно се слободни“.
Дополнително, „многумина се плашеа за своето здравје, но и за својот живот, мора да се каже“, додаде германскиот канцелар.
Размената на вкупно 26 затвореници од Русија и неколку западни земји ја координираше Турција.
Во размената беа вклучени лица од затворите во седум земји (САД, Германија, Полска, Словенија, Норвешка, Русија и Белорусија)“, соопшти синоќа турското претседателство.
Во транспортот на ослободените затвореници беа ангажирани седум авиони.