Во овие денови кога дури и Гоце Делчев самите го прогласивме за Бугарин, вреди да се потсетиме на едно наше истражување од 2009 година, со иницијална помош на Горазд Росоклија, за одлуката на ВМРО во 1905 година да се создаде „македонска граматика“ врз основа на говорот во Битола и битолскиот крај. Зошто таква идеја и одлука, ако Македонци немало и ако ВМРО е бугарска организација, а неговите челници – Бугари? Одговорот не треба да ви го кажуваме, нели? Ова е второто продолжение од текстот во кое ви ги изнесуваме сознанијата за тоа на историчарите д-р Михајло Миновски, д-р Ванче Стојчев, д-р Ванчо Георгиев и сега веќе покојниот д-р Блаже Ристевски

Автор: Дарко Јаневски; Мирка Велиновска

Во вчерашниот број објавивме дека на 8 јули 1905 година, два грчки весника, „Емпрос“ и „Скрип“, пренеле вест печатена во виенскиот весник „Неа Имерисиа“, според која, „Македонската организација“ донела одлука за печатење македонска граматика чија основа е битолското говорно наречје. За таа цел биле ангажирани дури седум професори лингвисти. Следен чекор, според објавеното во Виена, а пренесено во Грција, требало да биде протерување на српскиот и бугарскиот јазик од училиштата во Македонија, а сето тоа, според алармот на „Емпрос“ и „Скрип“ водело кон македонска автономија и независност.

За жал, досега не е откриен писмен документ кој би ја потврдил одлуката за која зборуваат грчките весници. Посредно, преку еден текст на д-р Карло Блинд во лондонски Пал Мал Газете, откриен и публикуван кај нас од д-р Ванче Стојчев, а во кој се вели дека „учените од Комитетот на Сандански имаат задача да создадат таква граматика“, дознаваме дека всушност станувало збор за една поширока акција за дефинитивна сепарација на Македонија, во што учествувал и Димитрија Чуповски, кој за таа цел дошол од Русија.

ИМА И ДРУГИ ПРИМЕРИ

Македонските историчари кои во текот на повеќе од еден месец ги консултиравме, се едногласни во тоа дека фактот што досега не е откриен писмен документ што би го потврдил сето ова, не значи и дека не постои. Д-р Михајло Миновски го наведе примерот со архивата на ВМРО која му е предадена на Иван Гарванов и до која македонските историчари се уште не можат да допрат. Истовремено, сите потврдуваат дека таквата евентуална одлука на ВМРО, односно ТМОРО, во тоа не време не е единствениот обид да се постават поцврсти основи македонската национална свест на почетокот на 20-от век што последниве години ни е оспорувано од сите страни. Д-р Ванчо Георгиев вели дека такви примери, кога се зборува за посебноста на народот што живеел во Македонија, има дури и кај тогашниот бугарски кнез Фердинанд. Во врска со ова, д-р Георгиев истакнува:

– Иако моја специјалност е токму тој период од нашата историја, досега не сум сретнал документ во врска со одлуката од 1905 за која зборувате. Но, наведеното не е единствен показател за посебноста на Македонците, има многу такви примери, па тоа може да се најде дури и во едно обраќање на бугарскиот кнез Фердинанд при неговата прва посета на Истанбул. Или би го навел примерот со еден бугарски министер за образование од тоа време, кој приватно сосема бил свесен за посебноста на Македонците, иако во официјалните документи цврсто стои на бугарската позиција за еден народ. Сепак, факт е дека ни недостигаат документи за тоа и тие се алката од синџирот што ни фали.

Д-р Ванче Стојчев пред 16 години го објави написот на д-р Карло Блинд во кој се зборува за намерата на Јане Сандански да создаде граматика на македонски јазик. Тој период се поклопува со времето кога во едно писмо до грчките жители на Мелник, Сандански им порачува на Грците дека не треба да се плашат од припојување кон Бугарија и дека Македонија им припаѓа само на Македонците. За објавеното во Пал Мал Газете, д-р Стојчев ни изјави:

– Станува збор за документ во кој е содржан извештај на Карло Билд. Тој бил задолжен за Турција во тоа време, што ја вклучувало и Македонија. Значи во прашање е извештај во кој се вели дека луѓе од Комитетот на Сандански подготвуваат граматика на македонски јазик со битолскиот дијалект како основа. Тоа го објавив во 1993 година и предизвика големо внимание. За жал, досега нема понатамошно откритие во врска со ова. Секако дека треба да се има предвид времето кога тоа се случувало. Организацијата, вклучувајќи го и Сандански се подготвувале за Рилскиот конгрес кога фактички доаѓа до нејзино распуштање. Претходниот Прилепски конгрес се одржувал така што делегатите се селеле од едно во друго село, за да не бидат откриени. Во меѓувреме, Сандански веќе преживеал два обиди за атентат, и во таква ситуација, веројатно не ни било можно Организацијата како целина да донесе одлука за создавање македонска граматика. Како и да било, писмен документ за тоа не сме откриле, но тука има простор за истражување. Јас моментално работам на една книга за Букурешкиот договор, и има многу работи кои досега не биле истражени. Така е веројатно и во овој случај – потенцира д-р Стојчев.

САМИТЕ СВОЈ НЕПРИЈАТЕЛ

Академикот д-р Блаже Ристовски истакнува дека посебна новост од напишаното во грчките весници е податокот за „седум професори лингвисти“.

– Но, станува збор за идеја што има подлабоки корени. И Борис Сарафов уште во 1902 година во едно интервју зборува за посебност на македонскиот јазик и за тоа дека Македонците не се ни Срби ни Бугари. Или во 1904 година Мишајков во Битола веќе подготвува македонски училишта. Интересно е дека јас уште одамна дојдов до податокот за Србинот Тома Симиќ, кој во 1901/02 година наводно подготвил македонска граматика и дури ја испратил на печатење во Петроград, но таму јас не успеав да ја најдам. Симиќ поради својата работа остро бил нападнат од белградскиот печат, а во 1902 година починал, така што проектот му останал незавршен – вели академикот Ристовски.

Тој додава и дека во 1902 година во Белград, Македонскиот клуб прогласил македонски литературен јазик со фонетски правопис.

– Постои и Македонска национална програма чија цел се македонски јазик, црква и автономија која Дедов и Мишајков ја доставуваат до руската влада. И Хрватите се занимавале со македонското прашање така што во 1903 година Ватрослав Јагиќ пишува статија за тоа. Значи постојат низа примери од овој аспект. Тоа што се случувало во 1905 година во врска со ова, досега не сме успеале да го документираме, а мисијата на Чуповски завршила така што во Велес, војводата Стефан Димитров му ставил пиштол во уста и го принудил да се врати во Русија. Тоа го покажува нашиот проблем – самите си имаме направено многу поголеми зла од другите – вели академикот Ристовски.

Вчерашниот текст можете да го прочитате овде: