Македонските студенти не се толку врзани кон и за професијата, за којашто се стекнале во рамки на формалното образование, туку се многу поадаптибилни последните генерации и сакаат да работат за поголем приход, покажува истражувањето на универзитетскиот професор на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Страшко Стојановски. Праксата покажува дека добар дел од оние кои завршуваат, сакаат да работат за странски компании и не им се привлечни ниту минималната, ниту просечната плата во земјава.

– Дури и тие што се тука, добар дел би сакале да работат за странски компании. Не, компании што се странски инвестиции во Македонија, туку странски компании преку онлајн сервери, значи да работат далечински. Во ваквите компании имаат навистина прилично високи приходи. Младите повеќе не сакаат да го губат своето време. Помина времето кога можеа да работат за минимална плата, па дури и просечната плата не е веќе цел на нив, барем од она што јас можам да го согледам, вели Стојановски во видео интервјуто снимено во прес центарот на МИА во Штип.

Смета дека за задржување на младите во земјава, може да придонесе и децентрализацијата. Во моментотв, сите институции се во Скопје, токму поради ова младите не остануваат во своите села, градови и региони, посочува Стојановски.

– Ако сакаме европски пракси, ајде да видиме колку од министерствата во Германија се во Берлин, колку од министерствата се во Рим. Тоа не се прави случајно, туку со цел да имаме рамномерен економски развој на сите региони. Ако знаеме дека Струмица е земјоделски регион, зошто да ги обременуваме луѓето со административни проблеми да одат во Скопје. Тоа Министерство може да се лоцира на друго место, нагласува Стојановски.

null

Забележува дека инфраструктурата е значително подобрена и затоа, како што вели, од аспект на комуникација може да се сервисираат ваквите дисперзии или да се тргне од децентрализација на општините.

Посочува дека не мора да значи дека децентрализацијата е клучот за решавање, меѓутоа дека сериозно треба да се размислува за овој процес.

– Ние имаме сериозен одлив на квалитетно младо население, се уште внатрешно изразена миграција од помалите градови кон Скопје. Сите зборуваме за надворешната миграција и тоа е многу видливо. Немаме дилема тука. Кога зборуваме за надворешната миграција, таа се класифицира како бренд дека најумните отишле од државата, а што прават оние што останале тука, тие не спаѓаат во таа категорија, вели Стојановски.

Анализите покажуваат дека  првите кои заминаа во странство не беа високообразовни, туку беа ниска и средно квалификувана работна рака.

-Тоа и е најпотребно денеска на Македонија. Децентрализацијата е есенцијално нужна. Значи ако сакаме да зборуваме за рамномерен развој или да ги привлечеме младите, тогаш регионите треба да може да реализираат одредени нивни идеи и политики, да имаат соодветна инфраструктура, да имаат соодветни институции. Зборуваме за тоа дали ќе имаме базен во Штип или нема да имаме, дали ќе имаме соодветна сала, училишни спортови…. За се тоа се потребни финансиски средства, а општините тоа очигледно не можат да си го дозволат, потенцира Стојановски.

Ова за него се агрументи зошто децентрализацијата е нужна, со цел, како што вели, барем делумно задржување на младите. И анализата од истражувањето реализирано во 2011/2012 година меѓу средношколците и студентите покажува дека децентрализацијата може да ги задржи младите во своите родни места.

– Беа опфатени студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Уште тогаш имавме прашање што се однесуваше на нивните идни професии, но и на прашања поврзани со внатрешната и надворешната миграција. Околу 45 проценти од средношколците од овие региони, се гледаа во Скопје, над 40 проценти се гледаа надвор од државата, а околу 10 или под десет проценти се гледаа во локалното место, од каде што потекнуваат.  Кај студентите кои се веќе посозреани личности, а кои беа од Универзитетот „Гоце Делчев“, над 40 проценти се гледаа надвор од државата и тука немавме некакви поместувања. Во локалното место, од каде потекнуваа, се гледаа речиси половина од нив. И под 10 проценти се гледаа во Скопје. Што зборува ова? Имавме децентрализација на високо образование. Таа децентрализација предизвика студентите кои студираат таму, да ја гледаат својата иднина во локалните места од каде што потекнуваат, посочува Стојановски.

null

Македонските компании ги отвараат вратите на студентите за пракса

Факултетите прават обиди за влез на студентите во македонските компании. Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип иницираше состаноци со реалниот сектор и невладините организации во Штип и Струмица, со цел на студентите да им се овозможи пракса.

По пандемијата се променија работите, сега самите компании, но и државните институции бараат од факултетите да им праќаат студенти на пракса.

-Дури и не инсистираат на положен правосуден испит. Со цел тие да бидат ангажирани дури им се нудат и работни места. Примањата се релативно ниски, нешто повисоки за почеток од минималната плата. Кај последните генерации на студенти, делот на платата е исклучително важен и тие во добар дел повеќе би преферирале и да се преквалификуваат  и да работат нешто друго за повисоки финансиски средства, отколку  да работат на својата струка. Иако има и такви кои се посветени, мотивирани и кои дури би жртвувале дел од почетокот на својата кариера и би се развивале во делот на правната професија, истакна Стојановски во видео интервјуто за МИА.

Забележува дека земјата има сериозни проблеми со недостигот на работна сила. На пазарот на труд недостасуваат возачи, дистрибутери, градежни работници, а за неколку години ќе недостасуваат и текстилни работници.

Смета дека политичката криза влијае и создава услови на несигурност, а актуелната политичка состојба ја оценува како состојба на перманентна криза и неизвесност.

Ниските плати во новинарството не се привлечни за младите

Медиумите во земјава имаат недостиг на млад кадар. Нема новинари, сниматели, монтажери, фоторепортери. Последните две години електронските медиуми, меѓу кои и најголемите национални телевизии бараат млад кадар, некои од нив ги зголемија и платите.

Според Стојановски, ова е сериозен проблем. Пред пет години тој има направено истражувања на оваа тема. Лоцирани се три клучни проблеми но, како што вели, на крајот сите тргнуваат од еден аспект што се поврзува со можноста за комерцијализација на медиумите и непостоењето на реален медиумски пазарен простор во земјава.

null

-Многу е мал пазарот за развој на новинарската професија, а ова повлекува друго, коешто ја прави професијата ужасно потценета. Нема да бирам зборови, тоа е вистинскиот збор што го опишуваат новинарите. Новинарите и вработените во медиумите се со релативно ниски примања. Стандардот се подига, имаме инфлација и младите едноставно не гледаат перспектива. Она што е интересно е дека и оние малку што се запишуваат, влегуваат со голем жар кон оваа професија, вели Стојановски.

На Правниот факултет при УГД-Штип има студиска програма за новинарство, но бројот на запишани студенти не се брои ниту на една рака. Ваквите разочарувачки бројки се и на останатите факултети во Скопје и Тетово. Според Стојановски, интерес за студирање за новинарство, нема ниту на универзитетите во странство.

Проблемот за ова, според Стојановски, е високиот степен на политизација, но и тоа што на сопствениците на медиумите овој бизнис им е секундарен и не вложуваат многу пари.

– Високиот степен на политизација води кон притисок врз новинарите, а тој притисок резултира со цензура и автоцензура. Не знам дали треба да споменувам примери на наши студенти кои дипломирале и кои имале дури можност да стекнат пракса надвор од Македонија. Значи не зборуваме само за тука, туку за реномирани медиуми надвор од Македонија. Влегуваат во медиум со национална концесија и веднаш првите месеци се соочуваат со цензура. Не цензура од типот текстот што го напишале да не им биде објавен, туку цензура веќе објавен текст да се повлече од електронскиот сајт на самиот медиум, подвлекува Стојановски.

Посочува дека еден од проблемите е и тоа што медиумите не можат да си обезбедат финансиска независност, па дел од нив, се свртуваат кон меѓународни проекти.

Простор за адаптирање и реформирање на ова студиска програма има, но според него, проблемот за да се реши, има повеќе аспекти.

Викторија Димитрова-Јованова

Фото: Борис Куноски

Видео и монтажа: Аслан Вишко