Најновите истражувања покажуваат дека во американските држави во кои е дозволено користење на марихуана во рекреативни цели, заголемен е бројот на сообраќајни несреќи, пишува Си-Ен-Ен.
Американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот (НТСБ) издаде соопштение во кое се наведува дека маж, кој во 2017 г. во Тексас е виновен за смртта на 12 лица, бидејќи со својот камион удрил во автобус полн со патници, бил под дејство на марихуана и други седативи. Во сооопштението, НТСБ предупредува на се поголемиот број сообраќајни несреќи за кои причина е употребата на дрога и бара овој проблем што побргу да се сфати и да биде решен.
Иако истражувањето е спроведено во 2017 година покажало дека нема разлика во бројот на сообраќајни несреќи меѓу државите кои ја легализирале марихуаната и тие кои не ја легализирале, НТСБ смета дека бројот на сообраќајни несреќи сепак е поголем во државите во кои е дозволена употребата на канабис. Притоа се повикува на две одвоени истражувања.
Според првото истражување кое е споменато во соопштението, бројот на несреќи во државите Вашингтон, Орегон и Колорадо, а во кои е дозволено користење марихуана, е поголем за 6 отсто отколку во другите соседни држави во кои тоа не е дозволено.
Втората студија покажала слични резултати, т.е. дека бројот на сообраќајни несреќи е за 5,2 отсто поголем во оние држави во кои е дозволено користење на марихуаната во рекреативни цели.
Истражувањето што е спроведено годинава покажало дека мнозинството Америкаци поддржува легализација на марихуаната, поточно 6 од 10 испитаници размислуваат така. НТСБ претпоставува дека заради таквиот став на јавноста, се повеќе држави во САД ќе ја легализираат употребата на марихуаната, што би можело да резултира со помала безбедност во сообраќајот.
НТСБ смета дека е неопходна подобра обука на учесниците во сообраќајот и модернизација на опремата за да се спречи натамошниот пораст на бројот на сообраќајни несреќи.