Италијанскиот премиер Џузепе Конте доцна синоќа најави запирање на „целата производна активност“ во земјата, што не е од суштинско значење за да се гарантира обезбедување на основните потреби на населението,
– Владата донесе одлука да ја затвори целата производна активност која не е строго неопходна, одлучувачка и суштинска за да ни ги гарантира основните добра и услуги, рече тој во официјалниот говор, најавувајќи го овој „дополнителен чекор“ во рестриктивни мерки, преземени во обид да се спречи ширењето на пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Италијанскиот премиер додаде дека аптеките, супермаркетите и продавниците за храна, поштенските, финансиските и осигурителните услуги, транспортот ќе продолжат да работат.
– Ние го забавуваме моторот за производство во земјата, но не го запираме, рече тој за „тешката одлука“.
– Не можеме да ја скриеме реалноста што е пред нашите очи секој ден. Ова е најсериозната криза што земјата ја доживеа уште од Втората светска војна, рече Конте.
– За преземените мерки треба време пред да дадат резултати. Ние мора да продолжиме да ги следиме сите овие правила со трпеливост и самодоверба, продолжи Конте.
– Тие се тешки, сурови, знам. Но, ние немаме алтернатива. Мораме да се спротивставиме, ова е единствениот начин да се заштитиме себеси и оние што ги сакаме, рече шефот на италијанската Влада.
На 9 март, Конте воведе забрана за собири и строго ограничување на патувањето низ целата земја, кое е дозволено само од професионални или итни причини.
– Жртвата да останеме дома е минимална во однос на онаа на другите сограѓани кои преземаат многу поголем ризик, како што се лекарите, медицинските сестри, полицијата, вооружените сили, работниците во супермаркетите, аптеките, рече Конте.
Во Италија досега од Ковид-19 заболеа 53.578 лица, од кои 4.825 починаа а досега се излекуваа 6.072 пациенти.