Дете на возраст од 15 години е прва жртва на земјотресот кој утрово го погоди Загреб, потврдиле за агенцијата Хина од Загрепскиот институт за итна медицина.

– Добивме извештај за урната зграда на Ѓорѓичева 13. Екипа на брза помош излезе на терен и пронајдоа тешко повредено дете кое веќе не покажуваше никакви знаци на живот“, рече Жарко Рашиќ, директор на Институтот за итни медицина.

Детето, на возраст од 15 години, било пренесено на Клиника за детски болести, но таму само била констатирана неговата смрт.

Земјотрес со јачина од 5,3 степени го погоди утрово Загреб во 6,23 часот, проследен со уште еден потрес со јачина од пет степени, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.

Епицентарот на земјотресот е лоциран на седум километри северно од Загреб, на длабочина од десет километри.

Вторичниот земјотрес се случи во 7,01 часот и неговата јачина, според првичните податоци, била пет степени по Рихтеровата скала, јави Хина.

Хрватската престолнина се тресеше десетина секунди, а луѓето панично излегоа на улиците. Вести за предизвикана материјална штета доаѓаат од целиот град и околината, соопшти загрепски „Јутарњи лист“.

Во некои делови на Загреб, кус период беше прекинато снабдувањето со електрична енергија.

Во некои згради, sидовите испукале, некаде се урнал покрив, а во станови паѓале полици и слични предмети, пренесува Индекс.