Во финалето на Европското првенство во одбојка одиграно синоќа во Катовице, репрезентацијата на Италија ја совлада селекцијата на Словенија со 3:2. Резултатот по сетови: 22:25, 25:20, 20:25, 25:20 и 15:11.

Ова е прв трофеј од еврошампионатите за „азурите“ по 16 години и вкупно седма титула.

Италијанците триумфираа шест пати помеѓу 1989 и 2005 година. Покрај тоа, во нивната колекција медали имаат и четири сребрени и три бронзени.

Капитенот на Италија, Симоне Џанели беше прогласен за најкорисен играч на турнирот.

Словенија мораше повторно да се задоволи со среброто, откако го стори тоа во 2015 и 2019 година.

Во мечот за 3. место на 32. Европско првенство кое се играше во четири држави, домаќинот на завршницата, Полска ја победи Србија.