Италијанската полиција во близина на пристанишниот град Бриндизи заплени 550 килограми марихуана произведена во Албанија.
Дрогата била транспортирана со моторен чамец, во кој биле две лица – италијански и албански државјанин, на 33 и 29 годишна возраст, кои се уапсени.
Според италијанската полиција вредноста на марихуаната на нарко пазарот се проценува на околу пет милиони евра.
Само пред два дена во водите на Јадранско Море, кај Отрантски Проток италијанската поморска патрола заплени 700 килограми марихуана и уапси двајца албански државјани.
Во изминатиот период од годинава само во регионот на Пулија запленети се 14 тони марихуана прошверцувани од Албанија, 14 моторни чамци, а уапсени се 35 лица.
Инаку, за осум месеци албанската, италијанската и грчката полиција имаат запленето повеќе од 40 тони марихуана произведена во Албанија. Поголемата количина од запленетата дрога е од италијанската полиција.