Компанијата-инвеститор на новиот објект кај Мајчин Дом, „ЗСФ-КОМ“ на бизнисменот Фатмир Етеми, и адвокатското друштво на поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски, во март 2019 година склучиле преддоговор за купопродажба на деловен простор со површина од 324 квадратни метри, чија вредност изнесува 1.200 евра за квадратен метар, така што се доаѓа до сума од половина милион евра со вклучен ДДВ, дознава „Фокус“.

Коневски изјавил дека преддоговорот ќе се реализира ако успее да обезбеди кредит и најде закупец за да се сервисира кредитот. Во негово време, Општина Аеродром го донесе ДУП-от во кој беше вцртана градежна маркица за овој објект, додека одобрението за градба беше издадено за време на актуелниот градоначалник Златко Марин, чиј кумашин купил стан во истата зграда, откако, според негови кажувања, продал друг стан и подигнал кредит.

Во изјава за Фокус, Коневски вели дека деловниот објект се уште не е изграден и се уште не е во негова сопственост и владение. Тој посочува дека преддоговорот е склучен по пазарна цена, но дали тој ќе се реализира зависи од тоа, како што истакнува, дали ќе обезбеди кредит од банка и дали ќе најде закупец за кредитот да се сервисира.

-Така што, сѐ уште не можам да знам дали ќе успеам да ја реализирам таа инвестиција. Со сопственикот на компанијата до 2019 година не сум се познавал, ниту пак како градоначалник имам издадено одобрение за градба за тој објект. Во 2017 година беше донесен планот за градба и тогаш друг беше сопственик на парцелата – вели Коневски за „Фокус“