Официјалните резултати покажуваат дека некогашниот играч на крикет Имран Кан победи на парламентарните избори во Пакистан, но и оти ќе мора да бара сојузници за коалициска влада.
По бавното броење на гласовите, изборната комисија денеска објави дека партијата на Кан освоила 109 од 269 места во Парламентот.
Ривалската Пакистанска муслиманска лига, партија на поранешниот премиер Наваз Шариф кој е во затвор, освоила 63 мандати. Нејзиниот лидер Шабаз Шариф веќе ги отфрли резултатите истакнувајќи дека се работи за измама и манипулација.
На трето место е Пакистанската народна партија со 39 мандати, а гласовите од 20 изборни единици се уште се бројат.
Изборите ги обележа насилство во кое загинаа најмалку 31 лице, а многу луѓе беа повредени кога бомбаш самоубиец се саморазнесе покрај избирачко место во југозападен Пакистан.