Денешните избори во германските сојузни покраини Саксонија и Бранденбург би можеле значително да ја зајакнат позицијата на десно-популистичката Алтернатива за Германија (АфД), посебно нејзиното екстремно крило што ќе доведе до потрес на германската политичка сцена.
Како што пишува загребска Хина, според последните испитувања на јавното мислење, АфД на изборите за покраинскиот парламент во Саксонија би можела да освои дури 25 отсто од гласовите што е само неколку проценти помалку од владејачката ЦДУ (29 проценти).
Социјалдемократите (СПД) и во оваа сојузна покраина со предвидените осум отсто од гласовите им се заканува уште еден историски пораз.
На трето место со 15 отсто се наоѓа партијата Левица, наследничка на некогашната Социјалистичка партија на единството во Источна Германија.
Во Бранденбург, левичарската тврдина, АфД според испитувањето на институтот ИНСА од 27 август, има поддршка од 21 отсто од гласачите, еднакво како и СПД.
Ехото на изборите и на сојузно ниво
Иако е, поради тоа што другите партии одлучно одбиваат соработка со десните популисти, речиси исклучено е дека АфД по изборите во овие сојузни покраини ќе дојде на власт, нејзиното зајакнување би можело дополнително да ги смени односите и на сојузно ниво каде коалицијата на демохристијаните и социјалдемократите на чело со канцеларката Ангела Меркел веќе подолго време се наоѓа на стаклени нозе.
– Партијата на Ангела Меркел и нејзината ЦДУ последните години изгубија поддршка од гласачите како на сојузно така и на локално ниво, изјави за агенцијата ДПА политикологот Арндт Леинингер од Слободниот универзитет Берлин.
Тој смета дека дополнителен успех на АфД во Саксонија би можел да ја турне ЦДУ кон десно.
– Тоа дополнително би ја загрозила стабилноста на коалицијата со СПД кој по изборите во источниот дел од земјата повторно би можело да ја доведе во прашање коалицијата на сојузно ниво, вели политикологот.
Распадот на коалицијата и предвремени избори во Германија би можеле да значат и предвремено симнување на Ангела Меркел од политичката сцена. Германската канцеларка кон крајот на минатата година местото претседателка на ЦДУ и го препушти на Анегрет Крамп-Каранбауер и најави повлекување од политичката функција по истекот на мандатот на актуелната Влада.
„Ние сме народ“
АфД посебно во источниот дел од земјата (каде живеат само 17 отсто од 83 милиони граѓани на Германија), се етаблира како партија која ги загрозува позициите на големите така наречени „народни“ партии СПД и ЦДУ.
Успехот на АфД би можел да фрли и сенка на овогодинешната прослава на 30 годишнината од падот на Берлински ѕид. Партијата на своите собири често за сопствени потреби ја инструментализира традицијата на протести што доведоа до падот на Берлински ѕид.
– Зошто во 1989 година излеговме на улици и баравме повеќе демократија и тоа придонесе до пад на Ѕид? А, по 30 години подоцна да не навредуваат и не нарекуваат нацисти само затоа што укажуваме на катастрофалните последици од масовното населување, изјави неодамна на предизборен собир претседателот на АфД за Бранденбург, Андреас Калбиц.
Традицијата на масовни протести на граѓаните на ДДР ги присвојува и Бјоерн Хоек, претседател на АфД во сојузната покраина Тирингија, каде во октомври исто така се одржуваат избори за локалниот парламент.
Хоек, кој доаѓа од западниот дел на земјата, исто така во прво лице зборува како народот во источниот дел на Германија кон крајот на 90-тите се бореше за повеќе демократија, а сега „сакаат да му ја затворат устата“.
АфД која почна како партија на конзервативната граѓанска класа во западниот дел од земјата со борбата против еврото како главна агенда, а потоа доживеа успон по бегалскиот бран во 2015 година кога се насочи на спорното прашање на бегалците и странците во Германија.
Тоа, иако во овие делови од земјата речиси и да нема странци, и донесе огромна популарност на подрачјето на поранешна Источна Германија.
Јакнење на десницата
Но, успехот на Хоек и источното крило на АфД и за самата партија АфД би можело да стане проблем. Хоек е лидер на крилото околу кое се собрани екстремните делови на партијата која се почесто ниту се обидува да ја скрие својата поврзаност со неонацистичките кругови.
Внатрепартиските несогласувања помеѓу умерените фракции воглавно се поврзани со западниот дел на земјата и поекстремното крило на исток трае веќе подолго време, а кулминираше со неодамнешното отворено писмо на група истакната членови на партијата кои се противат на „култот на личноста“ на Бјоерн Хоек.
Во средата од партијата исклучена е претседателката на АфД за сојузната покраина Шелсвиг-Холстејн, Дорис вон Сајн-Витгенштајн поради блискоста со екстремните политички кругови.
Разликите помеѓу истокот и западот
Аналитичарите проценуваат дека изборите во Бранденбург и Саксонија на почетокот од септември и тие во Тирингија во октомври уште еднаш ја потврдуваат поделеноста на западна и источна Германија.
– Голем број источни Германци се уште се чувствуваат како граѓани од втор ред, изјави за ДПА аналитичарот Ханс Ворледнер од Техничкиот универзитет во Дрезден. Тој смета дека АфД „добро го погоди“ чувството на разочараност поради неисполнетите ветувања на западните политичари по обединувањето. Незадоволството од политичките партии и недовербата во демократијата е во пораст, заклучува Ворлендер.