Излезе од печат 102-от број на „Преспа“, првиот печатен медиум на македонски јазик во Албанија
весник Македониум

Излезе од печат 102-от број на првиот печатен медиум на македонски јазик „Преспа“, гласило на Македонците во Албанија, кое повеќе од три децении придонесува кон зачувувањето и афирмацијата на македонскиот јазик, култура, традиција и национален идентитет.

Првиот број на „Преспа“ е објавен во 1994 година. Од тогаш до денес, весникот претставува значаен медиумски простор за информирање на македонската заедница во Албанија и за негување на македонскиот пишан збор.

-Основач и прв главен уредник на весникот беше покојниот Спасе Мазенковски, кој со својата долгогодишна посветеност остави значаен белег во македонското новинарство во Албанија. Денес главен уредник на „Преспа“ е Ефтим Митревски, кој ја продолжува традицијата и мисијата започната пред повеќе од три децении, објави весникот „Македониум”, кој има само електронско издание.

весник Македониум

Додава дека објавувањето на 102-от број е уште една потврда за истрајноста на весникот и неговата важност за македонската заедница во Албанија.

Објавувањето на 102-от број претставува значаен момент и потврда дека „Преспа“ продолжува да опстојува како важен печатен медиум на Македонците во Албанија.

-Честитки за новиот број на „Преспа“ и благодарност до сите уредници, новинари, соработници и читатели кои низ годините придонесоа весникот да опстои и да продолжи да го чува и афирмира македонскиот збор во Албанија, посакува „Македониум”.

И македонскиот весник „Илинден“, кој е втор печатен медиум на македонски јазик во Албанија, упатува искрени честитки по повод излегувањето на новиот број на „Преспа“, со желба весникот и понатаму да го чува македонскиот збор, да ја афирмира македонската култура и да биде мост што ги поврзува Македонците во Албанија со македонскиот јазик и традиција.

МИА