Закажана за денеска, пресудата за начинот на апсењето на лидерот на ОМ Љубе Бошковски во 2011, обвинетите екс шеф на УБК Сашо Мијалков и шестмината алфи не ја слушнаа. Наместо тоа судијката Александра Ристоска одлучи повторно да ја отвори постапката за овој случај познат под името Тортура. За неа неспорно е дека се случил настан, но образложи дека останало нејасно кој обвинет какво дејство презел.
Обвинението е конципирано на начин што дава еднаква правна квалификација за сите обвинети така што ги товари дека сите презеле исти дејствија на извршување, па за судот остана нејасно кој од обвинетите кое дејствие и со колкав интензитет и обем го презема.
Затекнат како што кажа, од одлуката на судот е застапникот на обвинението обвинителот Љубомир Лапе. Ќе го почека писменото решение за да одлучи како да постапи понатаму.
По објавувањето на судската одлука, обвинителот Лапе во изјава за медиумите вели дека не знае што не му е јасно на судот, па ќе го почека писменото решение за да знае како да постапи понатаму. Тој нагласува дека ваква судска пракса за него е непозната и бил затечен.
„Јас се консултирав со колеги. Досега по новиот Закон за кривична постапка, барем јас лично ниту некој од колегите кои ги консултирав, не наведоа конкретна ваква судска пракса. Судот не нè задолжи ниту мене ниту одбраната со некои дејствија или нови докази кои треба да ги предложиме и очекувам дека веројатно во писменото решение ќе одлучи судот што е потребно да се преземе. Јас очекував искрено осудителна пресуда и малку сум затечен од оваа одлука“
„Треба да го прочитам решението и да видам што е тоа што останало нејасно за да можам да одговорам, за мене е јасно. Значи штом сум останал при тоа обвинение со таков диспозитив и таков опис, за мене е сосема јасно меѓутоа судската одлука претпоставувам ќе биде образложена за да можам да се произнесам“, рече Лапе, иако оваа судска одлука е врел шамар за обвинителот бидејќи не прецизирал кој што сторил.
Ситуацијата е чиста за одбраната. Адвокатот Љупчо Шврговски вели дека обвинителот е тој што ќе треба да го допрецизира обвинението и да ги објасни поединечно постапките на сите обвинети. Сепак, Шврговски истакна дека очекувал ослободителна пресуда:
Јас не знам што ќе прецизира јавниот обвинител и дали од фактите кои дополнително ќе произлезат ќе произлезе и друга фактичка состојба. Врз основа на оваа фактичка состојба вака како што е поставено обвинението јас очекувам само ослободителна пресуда затоа што и самиот судски совет изрази сомнеж дека поради тоа што фактите не се утврдени на начин на кој недвосмислено би му дале за право да одлучи законито и правилно, а тоа е поради нејасност на дејствијата на извршување, јас очекував и денеска судскиот совет да донесе ослободителна пресуда“, изјави Шврговски.
Мијалков е првообвинет во овој случај како поттикнувач, а припадниците на алфите за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување. Судијката Ристоска повторното отворање на главната расправа за предметот го закажа за 8 јули.