Израел ги отповика своите преговарачи од Доха откако разговорите за привремено примирје во Појасот Газа „западнаа“ во ќорсокак поради барањата на Хамас, изјави денеска за Ројтерс неименуван висок израелски функционер близок до шефот на Мосад.

Официјалниот претставник го обвини лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар за „саботирачка дипломатија“ како дел од, како што рече, пошироките напори да се разгори војна за време на Рамазан.

Израелски официјален претставник изјави, дека Израел се согласил да го удвои бројот на Палестинци што ќе ги ослободи од израелските затвори, на 700 до 800, во замена за ослободување на заложниците и да дозволи некои раселени Палестинци да се вратат во северниот дел на Појасот Газа.

Израел и Хамас ги зајакнаа разговорите, со посредство на Катар и Египет, за шестнеделен прекин на израелската офанзива во замена за ослободување на 40 од 130 заложници кои сè уште ги држи палестинската милитантна група во Газа.

Хамас побара со договорот да се прекинат борбите и да се повлечат израелските сили, како и да се вратат раселените Палестинци на северот од Појасот Газа.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска соопшти дека Хамас поставил „илузорни“ барања, што, како што се наведува, покажува дека Палестинците не се заинтересирани за договор.

Хамас го обвини Израел за застој во преговорите додека ја извршува својата воена офанзива.

Израел во понеделникот објави дека ќе ја продолжи воената операција за уништување на Хамас.