Израел му прави „голема услуга“ на светот со испитување на ефикасноста на третата доза од вакцинација против Ковид-19 врз дел од своето население, изјави израелскиот премиер Нафтали Бенет, и покрај повикот на Светската здравствена организација (СЗО) за мораториум на таквиот третман.
Додека западните земји настојуваат да вакцинираат што е можно повеќе од своето население со две дози на вакцината против коронавирус, Израел од минатиот петок почна кампања за вакцинирање на лицата над 60 години со трета доза, главно од „Фајзер“/ „БиоНТек“.
Претседателот Исак Херцог и лидерот на опозицијата, Бенјамин Нетанјаху, ја добија третата „бустер“ доза за зајакнување на имунолошкиот систем, бидејќи делта верзијата на вирусот што се шири во моментов е позаразна од другите.
Првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, во средата повика на прекин на вакцинацијата со трета доза, со цел да се остават вакцини за земјите кои вакцинирале само мал дел од својата популација.
Израелската Влада вчера не издаде соопштение како одговор на СЗО, но премиерот Бенет, одговарајќи на новинарски прашања ја бранеше одлуката на неговата влада да продолжи со „бустер“ дозата.
-Ние не го правиме ова само за нас. Ние сме, од една страна, мала земја, така што нема да влијаеме врз светските залихи од вакцини (…), а од друга, ќе добиеме корисни информации и веднаш ќе ги споделиме со остатокот од светот, рече тој.
„Без нас, светот не би знаел ништо за ефикасноста на ревакцинацијата (…), затоа ние на остатокот од светот му правиме голема услуга“, додаде израелскиот премиер.
Од почетокот на новата кампања за вакцинација, повеќе од 262.000 Израелци над 60-годишна возраст, или 21 отсто од оваа возрасна група, ја добија третата доза, соопшти Министерството за здравство.