Израел испрати тенкови во Рафа во средата и објави дека верува оти војната во Појасот Газа ќе трае цела година.
Израелски тенкови вчера за првпат влегоа во центарот на Рафа и покрај одлуката на Меѓународниот суд на правдата да ги прекине операциите во тој град каде засолниште нашле многу Палестинци кои побегнале од другите делови на Појасот.
Жителите на Рафа рекоа дека тенковите упаднале во Тел Ал-Султан на западниот дел на градот и во Џибна и Шабур во близина на центарот, пред да се повлечат кон границата со Египет, во тампон зоната.
Израел објави дека неговата армија контролира три четвртини од тампон зоната и планира да воспостави контрола врз целата област за да го спречи Хамас да шверцува оружје преку неа.
Палестинскиот министер за здравство Мајед Абу Рамадан изјави дека нема индикации дека граничниот премин Рафа наскоро повторно ќе биде отворен за хуманитарна помош.
Цачи Ханегби, советникот за национална безбедност на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, денеска изјави дека војната во Газа ќе продолжи барем цела 2024 година, сигнализирајќи дека Израел не е подготвен да стави крај на конфликтот, кој Хамас го бара како дел од договорот за ослободување на израелските заложници во замена за палестински затвореници.
„Борбите во Рафа не се бесмислена војна“, рече тој, повторувајќи ги тврдењата дека крајната цел е да се елиминира владеењето на Хамас во енклавата и да се запрат нападите врз Израел.
САД, најблискиот сојузник на Израел, вчера повторија дека се против копнената операција во Рафа, но дека не веруваат дека таква операција е во тек.