Пoстојат примери на погрешно судско однесување, прекумерниот притисок врз судиите, одложуваната правда и несоодветното финансирање на правосудството кои и натаму ги попречуваат работата и ефикасноста на судовите и влијаат врз јавната доверба во правосудството. Судството останува подложно на политичко влијание и со слаба доверба од јавноста, констатира Стејт департментот во најновиот извештај за Македонија.
Ова се истакнува во денешното соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Заев и Маричиќ добија црвен картон. Нема повеќе продолженија, нема повеќе развлекување. Власта мора да ги тргне рацете од правосудството. Заев го користи ваквото правосудство и за притисок врз новинари и неистомилсеници, што е констатирано во извештајот, во делот на притисоците кон медиумите и прогонот на новинари. Во Македонија под Заев слободната мисла е само мисловен поим, но никако и реалност. Заев ја зароби државата, а потврда за тоа е извештајот на Стејт департментот. Сите лаги дека блескаме, паднаа во вода. После извештаите на Транспаренси, пишувањата на Економист и Блумберг, ова е уште еден во низата меѓународни фактори кои јасно потенцираат на криминогеноста на власта. Криминалот, корупцијата и притисокот врз судството ќе го снема кога ќе падне и Зоран Заев, се до тогаш Македонија ќе биде заробена држава, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.