Самопрогласениот венецуелски претседател Хуан Гуаидо во декември го посетил Вашингтон, каде што се состанал со функционери на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тоа бил негов прв познат контакт со Белата куќа, извести вчера шпанската новинска агенција ЕФЕ, повикувајќи се на неименувано службено лице на Белата куќа.
Месец дена подоцна, 35-годишниот Гуаидо, претседател на парламентот на Венецуела, се прогласи за привремен претседател на државата, најавувајќи распишување на претседателски избори.
– Претставници на (американската) администрација разговарале со Гуаидо во неколку наврати, како и за време на неговата посета на Вашингтон, во декември лани, изјавил претставникот на Белата куќа за ЕФЕ, замолувајќи да остане анонимен.
Тој одбил да каже со кои личности од администрацијата се сретнал Гуаидо, но рекол дека со тие личности се состанал приватно.
Портпаролката на републиканскиот сенатор Марко Руби, влијателен посредник на американската политика во Латинска Америка, запрашана дали Гуаидо се состанал со Руби во декември, одговорила негативно.
Америка не е единствена земја во која бил Гуаидо
Медиумите претходно наведуваа дека Гуаидо во декември бил и во Бразил и во Колумбија, чии влади исто така бараат Николас Мадуро да си замине од власта. Тие наводни посети се случиле пред Мадуро на 10 јануари да го преземе својот втор претседателски мандат, врз основа на изборите од мај 2018 година.
Дел од опозицијата тогаш одби да учествува на тие избори сметајќи ги за наместени. Кога го посетил Вашингтон во декември, Гуаидо се уште не беше претседател на парламентот на Венецуела. Таа функција ја доби на 5 јануари, откако некои влијателни членови на неговата партија Народна волја ја одбиле таа позиција, наведувајќи дека на различни начини од игра ги исфрлил режимот на Мадуро кој ги прогонувал.
Пет дена подоцна Мадуро го презеде вториот мандат кој истекува во 2024 година. Гуаидо себе се прогласи за привремен претседател на 23 јануари, тврдејќи дека Мадуро ја „узурпирал“ власта и дека е потребно да бидат организирани нови „слободни и демократски“ избори. Тврдеше дека тој како претседател на парламентот го има тоа уставно овластување.
Мадуро порача дека се врши агресија поради нафтата
Трамп беше првиот претседател на странска земја кој го призна Гуаидо за привремен претседател, а потоа уследија признавања и на некои други земји.
– Претседателот тоа го направи бидејќи јасно ја виде важноста од поттик на демократијата во Венецуела, рече претставник на Белата куќа.
Шпанија, Франција, Велика Британија и Германија му дадоа осумдневен ултиматум на Мадуро да отстапи од власта, а откако тој одби да го стори тоа, во понеделникот и вторникот 21 од 28 земји на Евроспката унија го признаа Гуаидо, вклучувајќи ја и Хрватска, објави Хина.
Италија, Ирска, Словенија, Грција, Словачка, Романија и Кипар одбија да го признаат, како и Норвешка, Ватикан, Турција, Русија, Кина, Северна Кореја и многу други азиски и африкански земји.
Гуаидо вчера во разговор за шпанската државна телевизија ТВЕ рече дека Мадуровиот режим ја „ограби земјата“ и дека „затворал, мачел и убил некои политички противници“, а Мадуро во обраќањето од еден собир рече дека над Венецуела се спроведува агресија со цел одземање на нејзината нафта и природни богатства и дека се води ненормална психолошка војна.
Гуаидо побара испраќање на хуманитарна помош во земјата, а Мадуро побара од земјите предводени од САД да ги укинат економските и финансиски санкции што на Венецуела и се воведени пред неколку години.