Претседателот на Косово Хашим Тачи изјави во Вашингтон дека „мала корекција на границите“ би била прифатлива за постигнување конечен договор со Белград, пренесува Бета објава од приштинскиот портал Газета експрес.

– Доколку мала корекција на границата би била цена за постигнување конечен мировен договор, тогаш тоа е прифатливо, рекол Тачи во говорот во Советот за надворешнополитички прашања во Вашингтон во присуство на експерти за регионални прашања.

Тачи рекол дека езерото Газивода, Митровица и Трепча се ресурси за кои не се преговара.

Според неговите зборови, Косово секогаш победувало кога делува во координација со САД и додал дека и покрај болните компромиси, конечниот исход секогаш бил во корист на Косово кога било во сојуз со САД.