Македонските медиуми при известувањето за воениот конфликт во Украина тројно повеќе цитираат западни медиумски куќи отколку руски или украински, објави истражувачката куќа Пикаса Аналитикс.

Меѓународните извори на информации се застапени со 28,8% во македонските медиуми, меѓу кои најцитирани се Ројтерс, Би-Би-Си и Си-Ен-Ен. Руските извори се застапени со 9% во македонските вести меѓу кои најцитирани се ТАСС, РИА и Спутник.

Македонските вести засновани на информации од украинските медиуми се само 3%.

Безмалку 60% од медиумите во Македонија не го цитирале изворот на информацијата. Само 40,7% навеле од кој медиум ја презеле веста.

Истражувањето опфаќа неколку држави од Балканот. Освен македонските медиуми, мониторирани се и медиуми во Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Црна Гора.

Во сите овие држави значително повеќе се застапени информациите од западните медиуми како што се Ројтерс, Би-Би-Си, Си-Ен-Ен, Гардијан и други, како што ги пишува во извештајот, интернационални медиуми.

Откако започна војната во Украина истражувачкиот тим на Пикаса Аналитикс вршел мониторинг на 400 македонски дигитални медиуми и анализирале преку 41.113 вести поврзани со конфликтот помеѓу Русија и Украина.

Марко Петревски