Мојот апел како иден претседател на Република Македонија ќе биде веднаш да се набавува оружје и муниција, веднаш да се зголеми сточниот фонд и производството на храна, да работи конзервната индустрија, да се обезбеди храна за живината за целата стока затоа што ако дојде до сериозна војна на тлото на Европа тоа значи дека ќе бидат затворени сите граници, ќе се запре извозот од секоја држава и ќе дојдеме во многу слична ситуација како онаа кога беше ковид кризата, изјави претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски денеска од Прилеп.

– Ние живееме во едно тешко време, претседателот во исто време може да биде и врховен командант на оружените сили на Република Македонија. На 1.200 километри јужно од нас и на 1.200 километри северно од нас се одвиваат страшни војни. Најновата војна отпочна помеѓу Иран заедно со своите сојузници против Израел и САД. Тоа јасно покажува дека живееме во едно тешко време и дека е многу битно кој ќе биде врховен командант на вооружените сили на Република Македонија затоа што за многу кратко може да се случи да влеземе во една страшна војна. Во 2013 година НАТО на тлото на Европа немаше ниту еден тенк а денес има преку 3.000 тенкови. Тоа јасно покажува дека Македонија и цела Европа може да ја зафати еден воен вител и како резултат на тоа мораме да бидеме максимално одговорни – рече Јакимовски.

Според него, одговорен претседател на Република Македонија мора да ги има предвид сите овие апсекти и мора државата да ја подготви за евентуално најлошото сценарио и ваквите стимулации за производство на храна, житарици, подигање на сточниот фонд мора да траат сѐ додека не завршат овие опасности – воен вител да ја зафати цела Европа.

Кандидатот за претседател Стевчо Јакимовски денеска го посети Прилеп во рамки на неговата предизборна агенда.