Билјана Ванковска, претседателски кандидат на Левица, заедно со потпретседателот на партијата Реџеп Исмаил денес ја продолжи својата кампања со средби со граѓани во Општина Аеродром. Во Аеродром Ванковска истакна дека населбата која е плански изградена во времето на социјализмот, за жал новите власти не можат да ја надоградат и напрвата подобра.

„Напротив прават полошо. Дури и оние кои ветуваат горда Македонија, не можат да направат подобра една општина“ рече Ванковска.

-Денес иако е времето топло намерно сум нагрната со оваа палестинска кефија. Тоа е мојата политичка изјава. Јас сум запрепастена дека претседателски кандидати кои се борат за првата позиција во државата до сега не изразија ниту еден збор за солидарност со палестинскиот народ и против геноцидот што се случува во Газа. Полни им се устите со Европска Унија. А јас, со оваа кефија, денес изразувам солидарност со мојот соборец Јанис Варуфакис, кој вчера доби забрана да се појави во Германија со закана од кривично гонење заради заштита на палестинската кауза. Активистите во Германија добија сериозен удар од германската полиција. Ова го кажувам не за да ја информирам јавноста, туку за да ги урнам оние илузии дека одењето во ЕУ значи чекорење во некоја совршена зона на мирот, на демократијата. Таму како што гледате расте неофашизам. Токму во Германија. Таму е застрашувачки. Таму нема слобода на движење, на говор и мисла, дури еве и на лица кои биле дел од политичкиот естаблишмент. Пример со Варуфакис, борец за слобода, интелектуалец и активист. Јас вчера му изразив и лична поддршка. Светот денеска е на чекор до она за што постојано опоменувам, тоа е нова глобална војна, во која Европа не само што не влијае како мировен фактор туку придонесува за влошување на состојбите, истакна Ванковска.

Претходно таа објави дека имала непроспиена ноќ, поради нападот Иран кон Израел. Таа смета дека Израел е фашистичка глава, а го споменува и американскиот претседател Џо Бајден.

„Не знам како ја минале ноќта моите противкандидати, потенцијални врховни команданти, ама мојата беше непроспиена поради опасната воена ескалација на Блискиот Исток. Уште еден чекор напред кон глобална војна. Геноцидот врз Палестинците продолжува, а едвај некој и да го спомнува. Израел е фашистичка држава која сега сака целиот регион да го повлече во војна од пошироки размери. Но изгледа дека се преигра – соседните држави дигаат глава, а САД ги вооружува но калкулира. Ги чекаат избори. Бајден сака да победи пак со воени “херојства” и божемно миротворење. Ќе речете, гледај си ја Македонија! Е да! Ама Македонија е во соседството на темпирана бомба. Кога богатите војуваат, сиромашните ја плаќаат цената (Жан Пол Сартр)“, пишува Ванковска.

Се огласи и лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

„Не бе, друже. Има разлика. Се’ до ноќеска, ИРАН немаше нападнато друга држава 240 години. ИЗРАЕЛ напаѓа соседни држави веќе 70 години. p.s. ДУИ е за Израелците, Левица за Палестинците“, напиша Апасиев.