Крилниот напаѓач на Барселона, Ламин Јамал, е прогласен за фудбалер на сезоната во Ла Лига, објави денеска шпанската фудбалска лига.
Осумнаесетгодишниот Јамал ѝ помогна изминатата сезона на Барселона да ја одбрани шпанската титула, стана првиот фудбалер кој ја освои наградата за играч на месецот во лигата три пати во една сезона и заврши како најдобар стрелец на клубот во Ла Лига со 16 голови, а додаде и 11 асистенции.
Поради повреда на тетивата, Јамал ги пропушти последните шест натпревари од сезоната за Барселона, но се очекува да биде подготвен во шпанскиот состав за Светското првенство, кое започнува идната недела во Канада, Мексико и САД.
Јамал го имаше своето деби на 16-годишна возраст и беше составен дел од рекордниот четврти триумф на Шпанија на Евро 2024. (МИА)




