Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, и поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека на средбата со премиерот Зоран Заев во саботата во Струмица, на која бил и ексминистерот Никола Тодоров се разговарало за процесите и политичките случувања што се во тек и оти ветиле дека ќе помогнат во делот на уставните амандмани со кои се менува уставното име на Република Македонија во Северна.

– Во саботата се сретнавме со премиерот Заев во еден струмички хотел на негово барање, да разговараме за процесите што се во тек и политичките случувања, изјави денеска за ТВ 24 Јанчев.

Јанчев тврди дека на средбата на која бил со Тодоров воопшто не бил споменат притворот на Сашо Мијалков и оти тоа е процес кој го водат правосудните институции и во што тие не се мешаат.

– Ветивме помош против опструкциите од страна на Христијан Мицкоски во делот на уставните амандмани во интерес на државата. Тоа ќе биде транспарентен процес без задни намери за никого. Јас како Митко Јанчев очекувам што повеќе пратеници да се вклучат во процесот на уставни измени се со цел да се подобри Договорот од Преспа и да се зајакне идентитетот за доброто на сите граѓани на РМ, посочува Јанчев за ТВ 24.