Вработените во образованието, во училиштата, во градинките, имаат со Устав загарантирано право на штрајк. Синдикатот има обврска но и морално право да го организира штрајкот. Наставниците имаат право на нивелирање на коефициентите на сложеност на работните места според растот на минималната плата. Наставниците имаат право на покачување на платите согласно Колективниот договор. Тие тоа и го заслужуваат.
Ова на денешната прес-конференција го истакна Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ. Текстот од прес-конференцијата го пренесуваме интегрално:
Владата, наместо да им се заканува и врши притисоци врз нив, треба да се потруди да ги исполни нивните барања, да го исполни тоа што им следи и да го исполни тоа што владата го прифатила со колективните договори.
ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува вработените во образованието во нивното барање и во нивниот штрак. ВМРО-ДПМНЕ смета дека нивните барања се оправдани.
ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа образложенија од Владата дека во буџетот нема средства. Средства има, но тие се трошат на апетисани, скапи есцајзи, нови возила, мебел, скапи ручеци и матни зделки на владините функционери.
Оваа влада не може, а и не сака да се справи со предизвиците кои ги носи ова тешко време. Нејзиното владеење се вози на грбот на работникот, кој одвај го издржува товарот.
Владата на СДСМ и ДУИ не смеат вината за галопирачката инфлација во која горивата се покачија за 70% струјата се покачи за 30%, парното за 15%, лебот за дури 110%, маслото за јадење за 30% и сите основни намирници за околу 30 до 50% да ја наметнуваат врз оние коишто си ги бараат правата, а протестираат заради се потешкиот живот.
Работниците, се доведени на работ на сиромаштијата, а некои и до работ на опстанокот.
Незадоволството е огромно и штрајкуваат државните службеници, матичните лекари, вработените во пошта, штрајкуваат и просветните работници, вработени во градинките, училиштата и научните работници.
Наставниците на кои, ние, во нивни раце им го даваме нашето најголемо богатство, нашите деца, претрпеа многу од пандемијата, од бизарната образовна реформа, од немањето средства за работа. Единствено што добија беше груба партизација при вработувањата, трансформацијата на работниот однос и при изборите на ментори.
Ако некој од нив и го кренеше гласот, следеше малтретирање, мобинг и нивните поплаки беа проследени со лажни вести дека се’ е во ред.
За срамно ниските плати и урамниловката со која владата на СДСМ и ДУИ дополнително ја понижува племенитата професија, не треба коментар.
После се’, ќе штрајкуваат, нормално е да штрајкуваат.
Има решение и за оваа состојба. Решението е многу едноставно, предвремени парламентарни избори.