Може да се случи во Прилеп да биде поважна Прва светска војна, а во Битола, пак, да биде позначајна Втора светска војна, ако така смета наставникот, изјави проф. Весна Јаневска, претседател на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, за новиот концеп во образованието.

Јаневска, која беше гостин во Дневникот на ТВ Сител, во врска со реформите во образованието, истакна дека освен тоа што ќе се учи без учебници по новата предложена концепција, без ниедно објаснување што ќе учат децата.

– Се воведува сексуално воспитување во второ одделение како изборен предмет, се внесува хаос, а ученици ќе учат различни работи кај различни наставници. Според концепцијата училиштата сами ќе ја организираат наставата според своите капацитети, наставниците без учебници, освен за првата група на предмети ќе користат многу извори и ќе се адаптираат и ќе предаваат тоа што тие сметаа дека е соодветно, рече таа.

Јаневска вели дека може да се случи во Прилеп предмет општествени науки да учат за Прва светска војна, додека во Битола ако наставникот смета дека Втора светска војна е позначајна, а ако се сретнат децата да не знаат дека учат де факто ист предмет.

– Притоа со оваа концепција им се даваат изборни предмети на децата од второ одделение кога тие не можат сами да избираат затоа што родителите им се старатели, во кои предмети има и јога и пилатес, но и сексуално воспитување во второ одделение, без никаков детал за тоа што децата во тие 16 недели ќе учат ако го изберат или доколку го изберат, објасни Јаневска.

Образовна реформа е потребна, рече Јаневска, но нема потреба од интегрирање на предмети туку, интегрирање на наставни содржини, како и сите недоследности кои ги наброја мора да бидат предмет на јавна дикусија и експертски мислења, па затоа оваа концепција треба да биде отстранета.