Студентскиот дом „Гоце Делчев“ има директор, не може министерот да е одговорен за појавата на глувци во студентски дом – изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска откако во некои од медиумите излегоа информации дека во блок Б од овој студентски дом има глувци и нема топла вода.
– Студентскиот дом си има директор, повторно ќе интервенираме и ќе кажеме дека треба да повика служба за дератизација и дезинфекција, но со задоволство ќе кажам дека од 1 октомври двата нови студентски дома веќе ќе бидат во функција и ќе бидат од висока А-категорија. Таму ќе може да се сместат голем број студенти – изјави министерката Јаневска по прес-конференцијата посветена на онлајн-водич за квалификации.
Од септември, како што најави министерката, ќе почне и реконструкцијата на другите студентски домови. Овој процес, според неа, е веќе во напредната фаза.
– На крајот, ќе ја реновираме и кујната и сè што треба во студентскиот дом „Гоце Делчев“ за приближно за две години да имаме комплетно заокружен процес на сите студентски домови – рече министерката за образование и наука.




