Весна Јаневска, претседател на комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина во организација на партијата насловена „Стартот на учебната година со старо нови предизвици и нерешливи проблеми“ вели дека учениците секоја година се соочуваат со истите предизвици и проблеми, додавајќи дека учебната година започнува со доделување на свидетелствата од претходната година бидејќи печатницата навремено не ги испечатила истите.

Свидетелствата се доделуваат еден ден пред почеток на новата учебната година, односно наместо во јуни да се доделат свидетелствата и тоа да биде свечен чин да се радуваат учениците, тоа се случува во последните денови од распустот. Знаете дека матурантите се запишуваа со слики од е-дневникот што е според мене апсолутно недозволиво а причина за тоа беше што печатницата која го добила тендерот не ги испечатила на време, рече Јаневска.

Јаневска укажа дека најстрашно од се е што училиштата немаат добиено учебници, како и дека она што е добиено не се учебници туку материјали за учење за првото тромесечје а во една книга се вклопени дури по три предмети.

На што според мене е најстрашно е немање на учебници. Она што деновиве некои училишта генерално скопските го добиваат, а во внатрешноста и до денес нема стигнато се таканаречени материјали за учење за второ и петто одделение, во една книги се вклопени три предмети и за кои и министерот и министерството соопштија дека ќе бидат само за првото тромесечје. Каде е одговорноста, зошто нема учебници, праша таа.

Јаневска укажа дека проблем има и со обуките на наставниците, бидејќи истите наместо да се реализираат пред почетокот на учебната година, истите ќе се реализираат во текот на септември месец кога наставниците треба да бидат на настава со учениците.

Она што е многу важно е и енергетската криза, греењето на училиштата и нормалното функционирање во зимските месеци. Има ли по приоритетно нешто од децата, од нашата иднина, тие се богатството на државата и наместо да им се овозможат убави услови на учениците за работа, училиштата се префрлени на индустриска струја наместо да бидат на регуларен пазар без никакво образложение, но ми се чини дека единствената причина за тоа е затоа што во моментот има поголем број на градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Јаневска.