Министерството за образование и наука ги добива пријавите за ученички стипендии под шифра, а кој ќе добие стипендија зависи од тоа дали ги исполнува условите на конкурсот, вели министерката Весна Јаневска. Таа во синоќешното интервју за „360 степени“ на МРТ 1 беше прашана за реакцијата на ДУИ дека од 817 ученички стипендии за тековната учебна година, само 80 им припаднале на ученици Албанци.

„Бројката е можеби точна, да, таа е, но ние апликациите ги примаме под шифра и ние не доделуваме стипендии по етникум, туку доделуваме стипендии по исполнети критериуми“, рече Јаневска.

Министерката посочи дека меѓу одбиените кандидати има припадници на повеќе етнички заедници. Таа ги повика кандидатите внимателно да ги пополнуваат пријавите, да проверат кои документи треба да ги приложат и, ако бидат одбиени, да го прочитаат образложението. Како примери за причини поради кои кандидат може да остане без стипендија ги наведе недоволниот просек и пропустот да се прикачи потребен документ.