(Прво продолжение)

Место на случување – Солунската гимназија. На првиот спрат, во собата на прислужникот во гимназијата, седат Гоце Делчев и Даме Груев. На влезот во собата, стара дрвена врата која чкрипи при отворање. Помеѓу вратата и подот има простор од барем пет сантиметри. Подот во собата е дрвен, од даски, толку лошо споени што помеѓу кои дува студен провев од подолниот спрат. На средината на собата има дрвена маса врз која е поставено „миле“. Некоја баба го сошила со специјален конец донесен од Стамбол, за внучето полесно да и добие диплома. Имала сон дека внукот ќе станел министер за образование, па бабата решила да го помогне сонот.

Врз „милето“ има керамичка вазна. Во неа свежо цвеќе. На крајот од масата послужавник со бокал со вода и две чаши свртени наопаку. До едниот ѕид е едниот кревет, и на него, со скрстени нозе седи Гоце. Витка тутун, а пред него дрвено столче со филџан кафе. Од тоа неговото – тешко синџир, со лажичка ипол кафе и две лажички шеќер.

До ѕидот со прозорец, се наоѓа другиот кревет. На него седи Даме, во спротивниот агол од Гоце каде се спојуваат два ѕида. Тој не пие ништо. Познат аскет е. Едната нога му е полусвиткана, другата крената во колено, на нејзе ја потпрел раката, а со дланката се држи за главата. Разговараат.

 Разговорот го снимил и го оставил во дворот на Бихачка: Дарко ЈАНЕВСКИ (загрижен патриот)

ГОЦЕ: Даме, што има ново?

ДАМЕ: Ништо посебно Гоце. Гледам тука низ Солун луѓето шетаат и си викаат нешто меѓу себе: „Еве ти го на!“ Прават нешто со лактот и се валкаат од смеење. Некоја нова мода, град е ова!

ГОЦЕ: А што е тоа „еве ти го на“? Како се вика на бугарски тоа?

ДАМЕ: Стално заборавам, ти од Килкис си, Грче едно, не разбираш бугарски…

ГОЦЕ: Од Кукуш, сељак еден смилевски. И плус небањат.

ДАМЕ: Е видиш, кога ќе кажеш од Кукуш, а не од Килкис, се вика „еве ти го на…“. Ете тоа е. Прашај таму во Струмица и околу селата, ќе видиш.

ГОЦЕ: Не можам да прашам, слушам таму барале по една лира за чорбаџијата, една за брат му, една за тој попот грчки. Знаеш, парите ги потрошивме, а бегот што го киднапирав за откуп ми избега. Клето Турче…

ДАМЕ: Како грчки бил попот? Нели наш е?

ГОЦЕ: Наш? Еве ти го на и тебе…!

ДАМЕ: Бргу учиш, ‘бати килкисот, ‘бати…!

ГОЦЕ: Тој е час грчки, час врховистички поп… среќа што Србите не стигнуваат до струмичко, и Србин ќе стане… Ама Србите, и тие голтари. Немаат пари да поткупат. Инаку…

ДАМЕ: Ќосето?

ГОЦЕ: Е не може сегде да стигне човекот. Сакав во Слатино да го пратам, имало таму некој што им викал на луѓето они да си ги гледаат жените оти тој „не можал на сите да стигне“, ама бидна. Вака, кога ќе размислиш малку, ни Ќосе, ни ништо, нема апаш во оваа Македонија кого ние од ВМРО не сме го оставиле на раат. Ќе му земеме некоја лира, ќе ја ставиме в џеб, ќе  и толку. Плус пола од тие што ќе ги земеме, еве Борис (Сарафов, н.з.) на курви и костуми по светот ќе ги потроши. А, ваму, брат Даме, ова врховистиве на Цончев, меѓу нив имало и некои нови – комуњари ги викаат, кога ќе ги стават чорбаџииве во менгеме, цревата им ги вадат… Не пари, не фабрики, рака им бакнуваат… Ние, како белка од јајце сме. А тие пак чорбаџиите, мајчини апаши, по две знамиња имаат дома. Едно наше, едно врховистичко. Кој како доаѓа, тоа го вадат.

Во собата влегува жена. Им носи уште по едно кафе. „Тешко синџир“ за Гоце, благо, за Даме со малку шеќер. На послужавникот има и слатко од смокви и студена вода. Толку студена што чашите се замаглиле. Им ги остава и излегува..

ГОЦЕ: Даме, која ти е оваа жена? Знаеш да бираш, да си е*еш спечалот.

ДАМЕ: Ако те разбере Јанка дека по други жени гледаш…

ГОЦЕ: Остај, жити мене. Минатиот месец ми вели: „Кај си? Само акаш по планините!“ На две потери им избегав, мостот кај Анџиста во воздух го кренав, три товара оружје пренесов… едвај дома жив си дојдов, таа мене уште од врата: „Кај си, со денови акаш негде?“. Ај, анасана. Сум заборавил волница да купам. Глеј и сега од Солун да не и однесам, толку ќе биде и од ВМРО и од востание. Ќе треба после на Герџиков да ја оставам. Тој нека ја земе. Јас и така на бања ќе одам за чиров.

ДАМЕ: Хе, хе. Море Гоце. Кај нас во Смилево се знае. До пазар на Битола имаш 6 саати, и шест назад – 12. Саат време пресметале жените ти треба за на пазар, вкупно – 13. Еве 14 нека бидат. Ако тргнеш во шест сабајле, вечерта во седум-осум да си дома. Инаку, на тераса ќе спиеш. Режим дојде братче, режим. Не живот! Меана не можеш да си поседиш. Дома пиј си, ти вика. А дома, стави си една, ќе почне: „Остај за гости, пијандуро…!“ Пред нас Турците мирно стојат, ама дома…!

ГОЦЕ: Ќути, сака и дете да имаме. Ми вели, слушнала, ако фатиш врски, имало во Софија некоја Комисија за школарини во странство, президент била некоја од правниот факултет таму, и Бугарите давале по 40 000 лева за школо во странство на детето. На еден од Прилеп 100 000 лева му дале. И ние ВМРО си гледаме. Пара е тоа. Ама ја давале ако потпишеш дека си Бугарин. Еден потпишал, татко му му рекол „раката да ти се исуши“, ама и тој никаков татко значи, една клетва кажал и таа не му се фати. Е, со такви си имаме работа.

ДАМЕ: Хе, хе… ти навистина мака си имаш. Да се жениш, дете да имаш, во странство на школија да го пратиш, да потпишеш дека си Бугарин. Ама чекај, па ти од Килкис си, тебе Атина ќе даде пари, што се секираш… (се смее зајадливо). Кажи Грче дека си и готова работа. Ех море Гоце, Македонија ќе ја ослободиме, ама ти изгледа тешко слободен дека ќе бидеш. А и јас ако се вратам Смилево…

ГОЦЕ: Што се смееш?

ДАМЕ: Се смеам. Кој знае, за сто години некој ќе се прашува што тајни муабети сме правеле на средбава. Да знааат… Туку за ова чорбаџииве, викав јас уште на времето, да ги врземе за по некој коњ. Па едниот на една страна, другиот на друга. Ама Иван Гарванов, Бугарот, и онаа неговата Доста секретарката, што испадна српска шпионка била, сам Иван кажа, ми викаа немој… После разбрав, ковчежиња со лири во канцеларии на бај Иван му носеле. Знаеш оној од Комбинатот за тутун? Тој прв бил. А народ, луѓе… ајвани, од бај Иван спас чекаа. Сега бизнисмен станал во Софија и уште по весници за нас зборува. А ние ќе талкаме со опинци по планиниве. Кога ќе видиш, и Јанка не дека не е во право.

ДАМЕ: Туку остај тоа, нас не не бива за такви работи. Арно велиш. Како белка од јајце да сме. Плус, не ни даваат ова амбасадориве. Добро, а што правиме со Французите? Слушам, многу лути биле за Гвадалкихир… Рекле ќе ни вратат. Плус Американците ги имаме на грб заради мис Стон. Да киднапирмае некој Русин, може ќе ни се смилостиват? Баланс да им правиме.

ГОЦЕ: Не знам. Не знам (минува со прстите по мустаќите). Види, сите тие од Европа, се отепаа од пари давање на врховистите. И на тие што ги викаат комуњари. Плус, на кодошите. Еден не го оставија, а да не им е на цицка. Те пари за европски политики, те за ова, те за она… А, ние, селанчиња… Толку разбираме! Што да ти кажам! Е сега, и нам ќе ни дале, ама ја барале Македонија.

(Продолжението од снимките со разговорот во утрешниот ден. Вечерва ќе ги „модифицираме“ малку)