Односите меѓу Макеоднија и Србија се одлични и без спорни точки, со повеќе доверба од порано и ќе се развиваат во подобар правец, констатираа претседателите Стево Пендаровски и Александар Вучиќ по нивната средба во Белград. Српскиот претседател на прес-конференцијата кажа дека освен Косовското прашање, двете држави немаат ниту едно друго оворено прашање.

Како што кажа Пендаровски, со претседателот Вучиќ разговарале и за француската иницијатива за нова променета методологија во водењето на претпристапните преговори со ЕУ. Тој уште  еднаш го истакнал ставот дека за нас не постои друга одржлива алтернатива и гаранција за стабилност, сигурност и просперитет, освен полноправно членство во Унијата.

-Во овој контекст ме радува фактот што и од Скопје и од Белград упатуваме јасни пораки дека Европската Унија не треба да заборави на западниот Балкан, за кој перспективата за членство во ЕУ е единствена гаранција за стабилност, сигурност и просперитет и всушност е единствена одржлива опција. Европската интеграција на регионот е најдобриот начин што ќе овозможи демократска трансформација на нашите општества, просперитет и зајакната регионална соработка, изјави Пендаровски.

За разлика од него, Вучиќ повтори дека и за Србија целта е членството во ЕУ, и веќе има отворано 17 поглавја, но со францускиот „нон-пејпер“ документ многу работи се нејасни.

– ЕУ сега во овој момент бара начин, поради Преспанскиот договор да ја задоволи Северна Македонија, за Албанија е малку потешко, да отвори преговори….кога ќе ги прашате, а што потоа, што кога ќе се отварат преговорите, во март или во мај во Загреб, никој нема одговор во ЕУ што ќе биде потоа со преговорите со Србија и Црна Гора, па и со Северна Македонија откако ќе ги отвори преговорите. Таков план немаме видено досега. Затоа до нас во регионот е да отвараме повеќе автопатишта, пруги, се повеќе да се спојуваме и да соработуваме, да бидеме се поуспешни, изјави Вучиќ, во контекст на иницијативата за „Мал Шенген“.