Самата состојба на кома во која се наоѓаше Никола Саздовски беше доволна да предизвика гнев кај дел од јавноста (нема зошто да се правиме фини – на другиот дел не му е гајле), неговата смрт уште повеќе, но дополнително гневот го разгоруваше фактот дека МВР и Обвинителството го третираат нападот врз него како „насилство“. Па зар не е насилство тоа што беше сторено? Да, но една работа е кога терминот го користите разговорно, а сосема друга е кога ќе го ставите во рамки на кривичното право, каде оваа кавлификација, во споредба со другите кои го покриваат истиот настан, е како да обвините некого за труење извршено со неколку капки метил алкохол, наместо со арсен.
Всушност, ова е дело кое не е сместено во главата од Кривичниот законик со кривични дела кои претставуваат напад врз животот и телото на жртвата (како што се нанесувањето телесна повреда или убиство), туку е сместено во делот од Кривичниот законик каде се наоѓаат делата против „јавниот ред и мир“. Тоа е отприлика како да се третира тепачка, за која обично двете страни добиваат прекршочна пријава, само со малку поголем интензитет, па наместо за прекршок, во овој случај се гонат само напаѓачите и тоа кривично.
Инаку, делото „насилството“ во сегашниот Кривичен законик е наследник на старото кривично дело од КЗ на Социјалистичка Република Македонија кое имаше наслов „насилничко однесување“. Тоа е всушност кривично дело кое ги покриваше, сликовито кажано, оние улични насилници какви што имаше во секое маало, а кои, откако ќе им се заканеа или ќе малтретираа деца, ќе им ги земеа парите за ужина. Фактот што тоа го сториле со сила (битно е тоа да го направат без да нанесат телесна повреда) и фактот што со таквото насилство предизвикуваа чувство на страв и несигурност (не смеете да го пуштите детето само на улица), го конструираше делото „насилничко однесување“, но и ја дава сликата за третманот кој го има нападот врз Никола Саздовски.
„Насилството“ во сегашниот КЗ има малку модифициран облик и е осовременето, но во основа ја има истата срж. За да постои, сега се бара да е извршено т.н. „грубо насилство“ врз жртвата (или малтретирање, загрозување на сигурноста итн), а тоа што ја открива целата слика на постапувањето на МВР и Обвинителството е дека под поимот „грубо насилство“ не се подразбира и нанесување телесни повреди („тоа е секој облик на груба присилба со примена сила… кој не се состои во задавање телесни повреди…“, д-р Јован Проевски) .
Значи тоа е основата на делото. Оттука се тргнало. Од ситуација во која има употреба на сила, но во која не се нанесени телесни повреди. Поблага варијанта, нема! Казна – три месеци до пет години.
Е, сега, кога истото тоа „насилство“ го сторила група (двајца, тројца итн) и кога на жртвата и е нанесена телесна повреда (не можело да се избегне дека жртвата се наоѓа на КАРИЛ), тогаш тоа е потежок облик на делото за кое се зголемува казната (шест месеци до пет години), но се уште е далеку од третманот што е пропишан за нанесување тешка телесна повреда (максимална казна десет години) или тешка телесна повреда која завршила со смрт каде е одредена минимална казна од една година затвор, а максимумот може да оди и над десет години. За обид за убиство, односно сега веќе за убиство – и да не зборуваме, иако тому за тоа сега би требало да се води распарва – дали станува збор за тешка телесна повреда со смртна последица или за убиство, а не за тоа дали е обично насилство кое случајно завршило со смрт.
Сето ова и не е некоја посебна филозофија за да може да се каже дека е направен некаков превид, туку јасно ја оцртува намерата: делото да се третира како обичен, не многу опасен напад врз некое лице, кое потоа, завршило со несреќен крај поради околности за кои напаѓачите и не мора да се виновни. Тоа впрочем веќе почна да се пласира преку медиумите на СДСМ.
Клучот во сето ова е дали при нападот врз Никола Саздовски биле употребени шипки или други слични средства, кои сами по себе се третираат како оружја чија употреба има за цел да нанесе тешки телесни повреди или да ја убие жртвата. Сигурно забележавте дека во однос на ова и МВР и Обвинителство се многу претпазливи, односно скудни во информациите.
Но, да не заборавиме, ова е истото Обвинителство и истата полиција која нападот врз Зијадин Села во старт го третираше како обид за убиство. Таму не појдоа од најлесната варијанта, па да чекаат дали Села ќе умре или не, туку во старт судеа како човекот да е, не дај Боже, веќе закопан.
Наспроти ова, во случајот со Саздовски тргнале од тоа како да се работи за обична закачка меѓу деца, навивачи на различни тимови, во која надвјасале помногубројните и веројатно на тоа и ќе се останело да не беше комата од која, за жал, Саздовски не се извлече.
Како стандард на однесување на МВР и Обвинителството земете го и случајот со четирите години затвор за кубењето на Шеќеринска, што би било квалификувано како прекршок во било која друга земја, но не и тука, каде се тргнало безмалку од ситуација како дедото да сакал да ја убие нашата сакана министерка.
Значи, на една страна имате случаи каде се тргнува од најтешкиот облик, а на друга од најлесниот, па се чека што ќе се случи.
Во секој случај, фактот што е очигледно дека од старт се барало начин како напаѓачите полесно да поминат, јасно ги покажува намерите на власта. Смртта на малиот Саздовски тие намери ги наруши, но во овој момент тешко е да се поверува дека таа ќе отстапи од патот по кој тргнала, а тоа е да опстои на делото „насилство“ кое сега има смртна последица, наместо да оди со тешка телесна повреда кој завршила со смрт или со квалификацијата „убиство“. За полесно да се дојде до тоа, треба да се појават шипките (настанот кој бил на автобуска станица има сведоци), но во тоа тешко е да се обложите, иако случајот со Села покажа дека тие не се нужни. И уште елемент, а тоа е, дали напаѓачите случајно налетале на Саздовски (а, како е можно тоа кога тие биле во автомобил, па треба да претпоставиме дека за несреќа го виделе, во момент решиле да застанат, па извадиле шипки, го нападнале итн), или станува збор за свесно следење на детето и намерно предизвикано дело во последен момент пред да се качи во автобус, што не води директно кон делото убиство, а не кон насилство или тешка телесна повреда со смртна последица (избегале кога виделе дека паднал, односно што би рекле од Обвинителството како во случајот со Села. кога мислеле дека ја завршиле работата).
Но, да не заборавиме, Македонија е држава во која на слобода се дури и убијците од Смиљковско, во која нашата власт му бакнува рака на Харадинај кој им дава пари на семејствата на терористите од Дива Населба (кај и да е, и тие што се на суд за осумте загинати специјалци, ги имаат сите шанси да бидат на слобода), но затоа имаме терористи како Дурловски, Јовановски, Дамовски итн, а Ченто е се уште е во притвор поради лажен извештај на некој цајкан.
Дарко Јаневски