Дарко ЈАНЕВСКИ

Многумина граѓани не би сакале да отворат врата на попишувачите. Од една страна, не сакајќи да учествуваат во попис за чии резултати интимно сметаат дека ќе бидат фалсификувани, а од друга страна затоа што се плашат поради епидемијата. Но, соочени со секојдневните закани за казни, па дури и за затвор (Апостол Симовски викан Наполеон мали и други), се плашат дека товарот може да падне на нивен грб. И да добијат, ни криви ни должни казна! Дали е тоа така?

За да се расчисти таа ситуација, вреди да се препрочита уште еднаш спорниот Закон за попис. Некој ќе го примети дилетантизмот на Законот, некој не! Но, лесно забележливо е дека генерално отсуствува нотирањето дека имате должност да се попишете. Таквата должност се изведува од одредбата (чл. 35 ст. 2) која вели дека сте должни на попишувачот да му ги дадете бараните податоци и дека сте должни тие податоци да бидат точни. Во спротивно, ви се заканува казна од 200 до 300 евра.

Тука е првиот проблем. Имено, Законот за попис не прави разлика меѓу лицата кои живеат тука и лицата кои живеат во странство. Оттука, тој од странство е должен да се попише како вие, ама и не е должен бидејќи едноставно нема како да го натерате. Не му можете ништо. Исто така, тој од странство, кој се попишува преку интернет, не одговара ни за точноста на податоците, односно може да му биде сеедно за нив, бидејќи не постои можност да биде гонет (дури и да биде казнет со платен налог, тој платен налог мора во одредена фаза да му достави со право на приговор, а баш би сакал да видам како тоа би се извело за некој кој живее во Србија, САД или Австралија – сеедно).

Како и да е, така доаѓаме до првиот проблем на власта и на овој Закон со Уставот – нееднаквоста на сите државјани на РМ пред Законот. Вас кои живеете овде можат да ве казнат, а при иста обврска (која и не е тоа), не можат да го казнат тој во странство, иако, за прв пат во историјата на РМ, при попишувањето е ставен во ист кош со вас.

Вториот момент е дека друго лице може за некој кој не е дома или е во странство да дава податоци вклучувајќи ја и националната и верската припадност. Тоа е исклучиво лично право и никаков закон тоа не смее да го прекрши. Патем, што ако некој ваш роднина при попис во Германија изјави дека се чувствува Германец по националност, а овде биде запишан како Македонец, Албанец или што и да е? Кој дал лажни податоци?

Но, до сето ова нема ни да дојде ако не му отворите врата на попишувачот. Не сте дома. Денеска сте во викендицата, утре на гости, задутре на пат во Албанија, Србија… итн. Што тогаш. Што правиме тогаш со наводната должност да се попишете?

Власта во тој случај не може да ве казни, зашто вие не сте дале ни лажни, ни неточни податоци, туку не сте дале никави податоци едноставно затоа што не сте седнале со попишувачот, кој патем дома можеби ви внел доволна колонија од вирусот, сеедно што тој можеби е вакциниран (вакцинираните можат да го пренесат вирсуот, а патем вакцината не штити од тоа да ви го внесат вирусот дома преку допир на предмети или преку облека, откако го собрале од претходното место каде попишувале).

Значи, ако не се дома, вие не сте дале ни неточни, ни лажни податоци. Што да се прави тогаш? Апостол Симовски, великиот директор на ДЗС кој се расфрлаше со закани за пет години затвор, вели дека ако еднаш не ве најдат, попишувачите пак е ви дојдат. Ама луѓето пак не се дома. И пак и пак… Што тогаш?

Тука доаѓа до израз неписменоста на тие што го пишувале Закнот. За неписменоста на тие што го изгласаа, не сакам да зборувам – таа веќе легендарна. Имено, во претходните закони за попис на РМ, на пример тој од 2011 година, во член 41 стои:

(1) Ако попишувачите за време на Пописот не го затечат во станот лицето опфатено со Пописот, а податоците не можат да ги приберат на начин предвиден во членот 40 од овој закон (некој дрг да ги прими попишувачите и з алицетот кое ен е присутно да ги даде податоците, н.з.), ќе остават писмено известување дека тоа лице е должно до 15 април 2011 година да се јави на реонскиот инструктор заради давање податоци во врска со Пописот.

(2) Доколку лицето не е во можност да постапи во согласност со ставот (1) на овој член, е должно да ја извести комисијата за пописниот реон.

(3) Државниот инструктор во соработка со комисијата за пописниот реон е должна да испрати попишувачи да го попишат лицето најдоцна до 20 април 2011 година.

(Извадок од Законот за попис член 41)

Значи, ова е Законот од 2011 година кој ја решил ситуацијата кога не сте дома или кога, како во актуелната наша ситуација, не отворате врата. Ќе ви остават пусулче дека ве барале, а Законот ВЕ ЗАДОЛЖУВА потоа да се јавите кај реонскиот попишвач за договор. Доколку тоа не го сторите, се смета дека сте одбиле да ги дадете бараните податоци и тогаш ви следи прекршочната парична казна. Таа со која сега лажни ви се закануваат.

Значи, некои паметни луѓе во 2011 г., на овој начин ја покриле оваа ситуација, истовремено создавајќи должност за граѓаните да се попишуваат, преку обврсакат да се сретнете со попишувачот, а потоа и преку обврската да му ги дадете бараните податоци.

Дека тоа во Законот од 2011 г. не е исклучок, потврдува и Законот за попис од 2001 година кој се однеусва на пописот спроведен во 2002 година. Во член 38 од тој Закон стои буквално истата одредба од погоре:

(1) Ако попишувачот во времето на Пописот не го затече во станот лицето опфатено со пописот, а подато-ците не може да ги прибере на начин предвиден во член 37 на овој закон, ќе остави писмено известување дека тоа лице е должно до 30 мај 2001 година да се јави на реонскиот инструктор заради давање податоци во врска со Пописот.

(2)Доколку лицето не е во можност да постапи во согласност со став 1 на овој член, должно е да ја извести Комисијата за пописниот реон.

(3)Комисијата за пописниот реон е должна да испрати попишувач да го попише лицето најдоцна до 5 јуни 2001 година.

(Извадок од Законот за попис од 2001 г. член 38)

Е, ваква одредба во Законот за попис од 2021 година кој се однедува на овој попис кој веќе започна, а кој теренски треба да се спроведе од 1 април – нема! Зошто? Немам поим! Да е некоја друга Влада која сака пописот да пропадне, би рекол дека е намерно. Но оваа Влада сака да се спроведе пописот. Тогаш, зошто оставиле празен простор за бојкот преку неотворањето врата, без должност потоа да се јавите и да се договорите со попишувачите кога да ви дојдат дома со колонијата вируси на нивната облека?

Единствено објаснување е неписменоста или свесното одење на тоа процентот на Македонци да биде помал, што неизбежно ќе се случи бидејќи малку кој има доверба во оваа власт на СДСМ и во исправноста на нивното броење.

Како и да е, оваа власт, ако искрено сака масовно попишување, заканувајќи се во Гебелс-Берија стил лажно дури и со затвор за ова, направила катастрофална грешка. А таа е дека ја испуштила одредбата од претходните закони која регулирала што да се прави ако не сте дома денеска, ако утре сте во кафеана, а задутре кај бабата да го поправате кровот итн, итн.

Ах, да, бидејќи има многу кои се разбираат со се и сешто уште една напомена: ова прашање не може да се регулира ни со Методологијата, ни со друг подзаконски акт бидејќи со нив не можете да создадете обврска која потоа ќе се казнува врз основа на закон.

Така што, далеку од тоа дека ве повикивам да не отворате врата или пак обратно – дека ве повикувам да отворите. Тоа ми е сеедно. Ваша работа. Но, да не ве лажат дека власта во Законот предвидела таква обврска и дека предвидела казна за тоа. Веројатно сакале, ама од незнаење ја испуштиле можноста. Како што веројатно сакаат да се прикажат дека постигнуваат „џендер баланс“, ама испаднало „џинџер баланс“. Што би се рекло „ѓумбир баланс“. Каков е тој – поим немам!