Колку е „професионален“ и „стручен“ извештајот на ОБСЕ за СЈО доволно зборува само овој пасус:
„Да се решат постојните ограничувања во законската рамка кои можат да ги спречат тековните истраги на СЈО да се комплетираат и да резултираат во поднесување обвинение“.
Значи ОБСЕ зборува за „тековни истраги“, а тие истраги всушност не смее да ги има зашто рокот за нив заврши 18 месеци по почетокот на работата на СЈО.
Тие истраги да се комплетирале и да резултирале со обвинение, што во старт е катастрофа бидејќи го прејудицира исходот од работата на СЈО. И од ОБСЕ премногу е.
За да се овозможи ова, ОБСЕ бара да се извршат законски измени што значи тие да важат наназад, што е шарлатанизам од невиден тип.
И да не редиме понатму, овие од ОБСЕ како да ги извадиле од некој бункер на ШТАЗИ. Што да правиме со нив? Прати ги во онаа земја чие не го споменуваме.
Патем, не очекувајте многу критички осврти за овој извештај, зашто тој што ќе го апсолвира на тој начин, ризикува да остане без работа. За оние т.н. експерти што се на странска цицка, воопшто и да не зборуваме. Тие ќе си гледаат во патентот од пантлоните или здолништето.
Патем за фактот дека СЈО е неуставен орган и дека врз Уставниот суд и врз судиите е вршен политички притисок да не го гледаат тоа, ниту еден единствен збор.
Во продолжение еве го целиот извештај преземен од академик.мк

Мисијата на ОБСЕ во Скопје го објави првиот преоден извештај за активностите и предметите во надлежност на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

За помалку од две и пол години од формирањето на СЈО, и покрај значителното мешање од други институции, се вели во извештајот, значајни чекори се направени кон утврдување на кривичната одговорност за кривичните дела кои се поврзани и кои произлегуваат од скандалот со прислушувањето.

СЈО успеа да поднесе 20 обвиненија во рамките на тесниот законски рок и сите обвиненија беа потврдени. Сепак, процесот на одобрување на обвиненијата одзеде многу време. Многу од обвиненијата поднесени на крајот на јуни 2017 година беа потврдени пет-шест месеци подоцна, во периодот помеѓу ноември и декември 2017 година. Иако ЗКП не предвидува рок до кој едно обвинение мора да се потврди, времето помеѓу поднесувањето на обвинение и негово потврдување може да се смета како предолго, а тоа создаде перцепција дека судот е пристрасен и дека е против СЈО.

Покрај тоа, ваквите одлагања можат да влијаат врз правото на судење во разумен временски рок, а особено загрижуваат во врска со случаите каде што треба наскоро да настапи апсолутна застареност.

Во поглед на примената на мерките на претпазливост судот е бојазлив и внимава мерката притвор да се одобрува само како последно средство во случаите на СЈО. Сепак, се јавува впечаток дека можеби се применуваат различни стандарди во споредба со случаите на Јавното обвинителство,  каде што мерката притвор се изрекува прилично почесто. Освен тоа, забележано е дека образложението на решенијата донесени во врска со мерките на претпазливост не се осврнуваат често на условот за основано сомневање.

„Во случаите Труст и Тврдина –Таргет на површина исплива мана во рамката на ЗКП, односно додека трае жалбената постапка во законот никаде не е предвиден начинот на извршување на мерката притвор изречена од страна на советот од член 25(5) во второстепена постапка. Со тоа што експлицитно не се бара извршување на мерката притвор, ЗКП остава можност осомничениот да побегне, да уништува докази или да го повтори кривичното дело во жалбениот период“, се вели во извештајот.

И покрај успехот што досега го постигнало СЈО, тековните ограничувања во правната и институционална рамка го ставаат под ризик процесот на утврдување одговорност за сериозните кривични дела разоткриени со прислушувањето. Поради тоа неопходно е да се измени и да се дополни законодавството во согласност со Националната стратегија за реформи во правосудството за периодот 2017 – 2022 година. Без оглед на изборот на законодавецот во врска со континуитетот и институционалната локација на СЈО, се препорачува сите случаи да се завршат со цел да се обезбеди сторителите на кривични дела откриени со прислушувањето да сносат целосна одговорност. Се надеваме дека ефикасното и правично решавање на случаите на СЈО ќе служи како механизам за враќање на довербата во кривичноправниот систем во земјата.

Иако СЈО се грижеше да обезбеди транспарентност кај јавноста, се додава понатаму во извештајот, постојат некои области во кои може да се направи поголем напор за навремено давање релевантни информации. Ова особено се однесува на воспоставувањето надлежност во тековните случаи на ЈО каде што предметните кривични дела ниту произлегуваат од содржината на прислушувањето ниту се однесуваат на него (прислушувањето). Иако СЈО има дискреционо право да одлучува дали да ги споделува со јавноста причините поради кои бара да воспостави надлежност врз тековни случаи, а имајќи ги предвид високиот профил и политичката чувствителност на случаите кои СЈО ги има преземено.

Мисијата смета дека СЈО треба да примени потранспарентен пристап до степен до кој нема да ја загрози тајноста на истрагите.

Друга причина за грижа е очигледното немање истраги и/или кривичен прогон во поглед на конкретни дела и лица споменати во прислушуваните материјали. Ова разочара одреден дел од јавноста и најверојатно ја намали поддршката што ја имаше СЈО во почетокот.

Врз основа на анализата содржана во овој преоден извештај, Мисијата го препорачува следното:

За извршната и законодавна власт:

▪ Да се решат постојните ограничувања во законската рамка кои можат да ги спречат тековните истраги на СЈО да се комплетираат и да резултираат во поднесување обвинение;

▪ Да обезбедат долгорочен континуитет на СЈО во согласност со Националната стратегија за реформи во правосудството за периодот 2017 – 2022 година.

▪ Да се погрижат за недостатоците во правната рамка на ЗКП во поглед на итната извршност на мерката притвор.

За СЈО:

▪ Да го истражи целиот обем на извршени кривични дела и на сите осомничени лица (ако дозволуваат доказите) откриени преку прислушуваните разговори;

▪ Да ја информира јавноста кога неговите обвинители ќе заклучат дека во одреден случај не постојат доволно докази за да се продолжи со истрагата или со прогонот, а особено кога содржината на јавно достапните прислушувани разговори може да создава очекувања кај јавноста за понесување кривична одговорност;

▪ Да има потранспарентен пристап кога воспоставува надлежност врз случаи по кои постапува ЈО.

За Основниот суд Скопје 1:

▪ Да се обезбеди образложувањето на решенијата за мерките на претпазливост секогаш да се врши во согласност со пропишаните услови од ЗКП;

▪ Да ги применува истите стандарди, како за случаите на ЈО така и за тие на СЈО, кога одлучува по поднесени барања за изрекување притвор, а тоа да го прави на конзистентен, непристрасен и правичен начин.

За сите странки вклучени во кривичните постапки:

▪ Да направат напори да избегнуваат непотребни одложувања со цел да се спречи настапување застареност.