Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски очекува 2022 година да ја заокружиме со околу 2,8 милиони ноќевања и над 400 милиони долари промет од туризмот.
Како што вели за МИА, годинава имавме одличен старт и добра средина на „трката“, но туризмот не е спринт на 100 метри, туку маратон.
Во фокусот догодина, најавува Јаневски, ќе бидат дигитализацијата, руралниот, селскиот, алтернативниот и активниот туризам, домашните гости, вонпансионското трошење, викенд пакетите, како и воведувањето нови алатки за промоција.
-Оваа година работевме многу на перцепцијата на странските туристи. Сега имаме јасна слика каде сме и што сме за нив – ние сме можеби последната неоткриена дестинација во Европа. Тоа ќе ни овозможи многу повеќе активни форми на туристичка понуда. Во 2022 година е се поизвесно и дека ќе ги надминеме очекувањата. Ноќевањата лани ги поставивме на 2,6 милиони. Ме изненадува позитивниот факт за прометот во туризмот кој во првата половина од 2022 година е 20 проценти повисок од 2019-та. Во овој момент е на -19 проценти од бројките во 2019 година и се држиме многу добро, нагласува Јаневски.
Според него, 2023 година ќе биде многу поразлична од 2022-ра зашто ќе почнат дигиталните практики во туристичката индустрија.
-Тоа е поле на кое континуирано треба да работиме. Дестинациите ќе се разликуваат по информациите и нивната пристапност, нема да биде само конекцијата во прашање. Ќе мора да ја градиме новата реалност во туристичката индустрија, таа ќе треба многу брзо да се прилагоди и со законската легислатива, но и со нова стратегија и нова структура, вели директорот.
Проектот „50 села – 50 приказни“, дигитализацијата, алатката „е-визиторс“ и националната кампања преку „јутјуб“ и „гугл“, се само некои од предлозите што АППТ ќе и ги понуди на Владата во обид да добие поголем буџет за 2023 година.
-Како и да е, ние ќе продолжиме да работиме на целта – многу брзо да станеме национална туристичка организација, во 2024 -2025 година да зборуваме за министерство за култура и туризам, да вложуваме многу во човечки ресурси. Време е конечно да профункционираат и долгоочекуваните туристичка полиција и туристичка инспекција. Мора да имаме и нови регистри, подвлекува Јаневски.
Тој е дециден дека треба уште многу да се работи на македонскиот туризам.
-Не смее перцепцијата за Охрид во регионот да биде скапо сместување, ладни соби и бајат појадок. Тоа мора многу брзо да го смениме. Од друга страна, ако зборуваме дека Скопје се уште нема програма за Нова година, ако не успеавме да имаме доволно градски тоалети, доволно сертифицирани туристички водичи и регистар на сместувачки капацитети, како ќе успеаме да ги изброиме туристите или да развиваме туристичка индустрија? Треба да бидеме на чисто. Имаме економска криза, но, колку хотели имаме со зелени ѕвездички? Дали успеавме да се прилагодиме на зелената енергија? Тоа се прашања на кои треба многу брзо да дадеме одговор. Сметам дека треба да се штеди кога имаме добри години, а да се вложува во години на криза. Така ќе бидеме доволно конкурентни. Имавме добри 10 години со раст меѓу 150 – 170 проценти и на туристите и на ноќевањата. Дали тогаш доволно заштедивме? Се тоа ни се сруши како кула од карти за само три месеци во 2020 година или можеби менаџерите не ги алоцираа добро средствата. Тогаш сите побаравме од државата да не прегрне и да ни даде дополнителни средства за да ги задржиме вработените. Тоа и се случи, но дали ја научивме лекцијата? Мислам дека не. Дали успеавме да создадеме фонд за кризен менаџмент во туристичката индустрија? И тоа не, потенцира директорот.
Како што објасни, одредени дестинации низ светот во добрите години имаат законска мерка која ги обврзува да остават пет или десет отсто од профитот за да ги алоцираат тие средства кога ќе биде потребно или да ги реинвстираат.
Во разговорот за МИА тој порачува и дека мора да се врати достоинството на туризмот и туристичките работници.
-Тоа, исто така, е еден од приоритетите за 2023 година. Мастер шефовите земаат неколку пати поголеми плати и од премиерите и тоа на сите треба да ни биде јасно, вели директорот на АППТ.
Осврнувајќи се на најновите трндови и промените што ги наметна КОВИД пандемијата, Јаневски посочува дека новите целни групи на туристи ќе бидат оние што сакаат повеќе да истражуваат, што ги привлекува гастрономијата, ено-гастро концептот и природата. Во овој контекст, наведува, се зголемува интересот за дестинациите како Мариово, но таму треба да има луѓе кои се занимаваат со рурален и еко туризам. Токму тука, оценува Јаневски, ни се слабите точки.
Мирјана Чакарова за МИА