Во периодот во кој се навршува една година од преземањето на одговорноста да се водат работите на Општина Струмица, сакам да зборуваме за една година на промени, за нов начин на работа  и  за поинаков пристап кон управувањето со општината. Оваа година не значи само промена во начинот на кој се раководи Општината,  туку пред сè промена во односот кон граѓаните,  кон нивните потреби  и  кон одговорноста што ја носи секоја преземена обврска, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ од прес-конференцијата на Петар Јанков, градоначалник на Општина Струмица што го пренесуваме интегрално.

По дваесет години, граѓаните одлучија да отворат нова страница во историјата на нашата Општина. На 27 октомври минатата година ја презедов функцијата Градоначалник со голема одговорност за изборната победа. Одговорност кон секој еден струмичанец кој со децении ја очекуваше промената. И токму тоа беше нашата најголема задача. Таа промена да се почувствува во секојдниот живот.

Да се промени начинот на кој се работи Општината. Да се промени односот кон граѓаните. Да се решаваат проблемите наместо да се одложуваат. Да се работи со план, со ред и со одговорност.

Затоа, првата година ја започнавме со отворање на прашањата кои со години стоеле неодговорени. Со анализа на состојбата во Општината. Со средување на финансиските долгови. Со поставување приоритети. Со подготовка на проекти. И, пред сè, со создавање услови Струмица повторно да се движи напред.

И можеби токму тоа е најголемата разлика што сакам денес да ја истакнам. Не постои амбиција  сè да биде решено за една година. Но,  веднаш започнавме  да ги решаваме проблемите.

Морам да кажам дека овa беше – година на предизвици. Имаше наследени проблеми, финансиски обврски,  инфраструктурни потреби,  прашања во комуналната сфера, образованието, културата, спортот, животната средина. Нo наспроти тоа имаше голема волја  Струмица да се промени.

Денес слободно можам да кажам дека оваа година поставивме нов темел на Општина која не  само што навремено реагира на проблемите, туку  ги предвидува и пресретнува. Општина која не чека некој друг да ги реши работите, туку самата  презема иницијатива. Локална самоуправа која  мора да биде сервис на граѓаните, наместо само на одреден круг на луѓе.

Затоа денес ќе зборувам за тоа што се смени, што се започна и што се реши. Каде се вложи, а каде се создадоа нови можности. И што е најважно  што следува.

Кога ја презедовме Општина Струмица, знаевме дека пред нас стои сериозна работа. Но вистинската слика за состојбата ја видовме кога ги отворивме бројките.

На 27 октомври 2025 година, салдото на обврските на Општина Струмица изнесуваше над 190 милиони денари.  На истиот датум, ЈПКД „Комуналец“ имаше обврска од над 510 милиони денари, додека ЈСП „Струмица Транспорт“ имаше долг од над 340 милиони денари.  Обврски кои достигнуват една милијарда денари – со кои требаше да се справиме. Тоа е реалноста што ја затекнавме.  И затоа прва задача која ја зададовме со мојот тим беше да не дозволиме проблемите да станат – уште поголеми.

Од првиот ден Општината започна континуирано да ги сервисира своите обврски – кон локалните јавни претпријатија, кон изведувачите и добавувачите, кон вработените, но и по основ на различни договорни и законски обврски. Работевме на подмирување на старите долгови, а истовремено внимававме да бидеме рационални.

И денес, после 12 месеци, обврските на Општината се намалени за околу 50 милиони денари. ЈСП Струмица Транспорт успешно го сервисира долгот и веќе го намаливме за 60 милиони денари.  Го расчистуваме товарот од минатото, за да можеме посигурно да ја градиме иднината на Струмица. Стабилна Општина значи да знае колку должи,  кому должи, како ќе ги сервисира обврските – и во исто време да има план како да создава нова вредност за своите граѓани. Токму тоа го правиме.

За сето она што е квалитетно сработено ќе започнам со излагање во областа на животната средина – Како исклучително важно прашање за квалитетот на живот на секој струмичанец. Ја прошируваме локалната мрежа за мерење на воздухот со шест нови мерни станици, па Струмица денес има вкупно 13 мерни станици за следење на квалитетот на воздухот. Како Општина кофинансираме субвенции за инвертер-клими, со буџет од околу 6 милиони денари. Во населбата Карпош, во тек е изградбата на нов парк со површина од 14.000 квадратни метри.

Поддржавме и одржлив транспорт. Оваа година 109 граѓани добија субвенции за велосипеди, со вкупно 600 илјади денари буџетска поддршка. Субвенции има и за цената на гасот за домаќинствата како и субвенционирање на надоместокот за стандарден приклучок.  Во основните училишта и градинки се поставија професионални прочистувачи на воздух и контењери за текстилен отпад.

Можеби звучи чудно но, нашето Банско со децении имаше проблем со водата за пиење. После децении Банско добива нова филтер станица.  Тоа е овозможено со проект финансиран од  Владата на Република Македонија.  Просениково пак, исто така со средства на Владата  добива  атмосферска канализација, со што се решава проблемот со честите полплавувања на ова населено место.

Истовремено, во Струмица започнува вториот дел од покривањето на поројот на улица Крушевска Република. Реализирано со средства исто така од Унгарскиот кредит.

Следната област во која сакам посебно да го истакнам нашиот фокус е образованието. Зашто ако сакаме да зборуваме за иднината на Струмица, мора да зборуваме за нашите деца. Изминатата година инвестиравме и во учениците и во условите во кои тие учат. Доделивме 48 стипендии за ученици со попреченост, а за талентираните ученици доделивме уште 51 стипендија. Дополнително, преку партнерство со фондацијата „Нова Генерација“ беа обезбедени уште 23 стипендии. Тоа се повеќе од сто млади луѓе кои добија конкретна поддршка за своето образование, својот талент и својот развој.

Посебно внимание посветивме и на инклузијата. За тековната учебна година се обезбедени 21 личен асистент за ученици со попреченост.  Се набавија училишни униформи за сите првачиња, а еднократна финансиска поддршка дадовме и за семејствата кои имаат прваче.

Во „Никола Вапцаров“ го решивме долгогодишниот проблем со загревањето на спортската сала,  а во „Видое Подгорец“ се санира кровната конструкција на спортската сала и се обновија соблекувалните.  Во  „Сандо Масев“  е завршена климатизацијата на сите простории и, се заменети дотраените подови и, поставена е нова современа подлога,  додека во „Димитар Влахов“ се уредуваа училници и лабораториски простор, се обновуваа подови, водоводната инсталација и осветлувањето.

Во музичкото училиште  „Боро Џони“  подготвен е  идеен проект за нова концертна сала, која ќе биде значаен простор не само за учениците и наставниците, туку и за културниот живот на целиот град.

Инфраструктурата во Струмица мора да биде редовно одржувана и унапредувана. Пробивање  на дел од улицата Страшо Пинџур,  изведба на улиците Боро Поцков и Мара Минанова, Георги Василев,  изведба на втор слој  асфалт на дел од улиците  5ти Ноември, Цветан Димов, Брегалница и на булеварите Балканска и Маршал Тито.  Изграден е дел од тротоар на улица Мајка Тереза.  Во фокусот ќе биде изградбата на нова инфраструктура подржана како и други проекти од Владата преку  Унгарскиот кредит  во урбаните блокови, особено во блоковите 41/1 и 41/2, како предуслов за понатамошна изградба и развој на овој дел од градот.

Еден од моите принципи на работењето е: рамномерно инвестирање во градот и во населените места. Така, втор слој е поставен на патот помеѓу населените места Просениково и Сарај.  Ќе продолжиме и со вложувања во патната инфраструктура – изградба на делови од нови сервисни улици, како и подготовка на проектот за локалниот пат Куклиш–Сачево. Пробивање на улица и прв слој на асфалт во Градско Балдовци. Припремни работи за пробивање на улици во Куклиш, Добрејци и Муртино. Тампонирање и пробивање на полски патишта се изведени за прв пат после долги години. Тампонирање на патишта во повеќе населени места. Истовремено извршено е асфалтирање во повеќе населени места.

Еден од важните правци во кои ја насочивме Струмица е и користењето на европските фондови и меѓународните партнерства за конкретни проекти во градот.

Изградени се 990 метри пешачко-велосипедска патека на булеварот „Климент Охридски“, а во тек е изградба на 2 километри велосипедска патека на булеварот „Гоце Делчев“ до Мало Стопанство.

Дополнително, изградена е и велосипедска патека од 1.123 метри кон Агроберза и Индустриска зона Север, а на јавни локации низ градот поставивме 160 велосипедски паркинзи.

На почетокот од ова мое обраќање ја спомнав ситуацијата во која ги затековме јавните претпријатија, но сепак тоа не беше причина да не се работи напорно кон нови проекти во секое од нив.

Во ЈП „Паркиралишта Струмица“ направивме конкретни промени. Подземната гаража под плоштадот „Гоце Делчев“ целосно е преобележана , осветлена, а во функција е ставен видео-надзор. Просторот е пренаменет во зонско паркирање. Паралелно, целосно го сервисиравме уличното осветлување во сите населени места и во градот. Населбата Карпош која  е  слабо осветлена со само 12 канделабри,  наскоро добива нови 30 канделабри и подобро осветлување.

По неколку години без позитивен финансиски резултат, според шестмесечниот извештај ЈП „Паркиралишта“ годинава остварува добивка и има тенденција финансиската година да ја заврши со позитивен резултат.

Во изминатата година се работеше и на зајакнување на капацитетите на ЈП „Комуналец“ и подобрување на комуналните услуги. Обезбедена е нова механизација и специјализирана опрема за претпријатието, со што создаваме подобри услови за поефикасно одржување на јавните површини и извршување на комуналните услуги. До крајот на оваа година претпријатието ќе добие десетина возила помеѓу кои ќе ги спомнам двете возила за одржување на улици и цистерна добиени во соработка со Владата на Република Македонија и возило за собирање на смет во соработка со Југоисточен плански регион како и неколку  возила со кои ќе се подобри услугата за нашите сограѓани.

Во врска со водата за пиење, струмичката прочистителна станица имаше два озонатори набавени во 1998 година, од кои едниот не беше во функција. Направена е набавка за озонатор кој за скоро време значително ќе го подобри квалитетот на водата за пиење.

Исто така сериозно пристапивме кон еден од најгорливите проблеми депонијата во Добрешинци која со честите потпалувања го загадуваше атмосферскиот воздух. Нашите активности се насочени кон покривање и уредување на депонијата со што можностите за загадување ќе бидат значително намалени.

Кога зборуваме за спортот, изминатата година обезбедивме 8,5 милиони денари директна финансиска поддршка за спортските клубови и здруженија, а дополнително поддржавме и тренери и различни спортски настани, со посебен фокус на младите и училишниот спорт.

Инвестиравме и во спортската инфраструктура. Реконструирани се повеќе училишни  игралишта, во гимназијата „Јане Сандански’’ поставена е полипропиленска подлога на трите игралишта. Поставени се рефлектори на  фудбалското игралиште со вештачка трева, а во Банско изградено ново мултифункционално игралиште. Посебно важно е што по долг период повторно ја активиравме реализацијата на проектот за затворен базен, за кој средствата ги обезбедуваат Министерството за спорт.

Во завршна фаза е повеќенаменското игралиште во населеното место Куклиш и наскоро ќе биде пуштено во употреба.

Започнуваме четиригодишен проект со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ,  преку кој ќе се следат физичкиот развој,  нутритивниот и здравствениот статус на децата и младите, како и раното препознавање на спортските таленти.

Во изминатата година Општина Струмица даде поддршка на голем број културни настани, фестивали, уметници и здруженија, со што овозможивме богата и разновидна културна програма во градот.  Продолживме да ги поддржуваме манифестациите по кои Струмица е препознатлива најпрвин Струмичкиот Карневал, потоа  Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“,  фестивалите „Астерфест“ и од оваа година фестивалот ,, Преку Езерото’’,  потоа СФест(свест) и Меѓународната Ликовна колонија. Оваа година исто така за прв пат реализиравме меѓународен  Џез-фестивал, додека Фестивалот за Источно Црковно пеење годинава доби меѓународен карактер.  Исто така особено сме горди на реализацијата на фестивалите на камерна и класична музика. Поддршка имаше и за проекти кои им даваат простор на младите таленти, современиот танц, музиката, поезијата и зачувувањето на локалното културно наследство. Во тој контекст треба да се спомне обновувањето на детскиот фестивал Вртелешка.

Паралелно со сето тоа што веќе го  реализиравме,  ги поставивме и приоритетите за следниот период.

Конечно, сакам да погледнеме таму од каде што  тргнавме – нашата визија за Струмица.

Затоа што Струмица не ја претставуват нејзините улици, проекти, бројки и инвестиции. Струмица се луѓето, семејствата, децата, младите, нашите населени места, нашата традиција и сè она што го прави овој град посебен. Граѓаните како еднакви субјекти и чинители на општото добро.  Ова е град со огромен потенцијал, со вредни луѓе и со многу причини да бидеме горди што живееме тука.

Нашата задача е тој потенцијал да го претвориме во реални можности. Да создадеме Општина во кој младите ќе сакаат да останат, семејствата ќе имаат подобри услови за живот, а секој човек ќе чувствува дека некој во Струмица работи и мисли за доброто на сите.

Пред нас има уште многу работа. Продолжуваме како што започнавме: Работа, многу работа, чесност и посветеност.

Денес, по една година, можеме да кажеме дека го направивме најважното – го поставивме правецот на Струмица. Струмица има потенцијал. Струмица има луѓе. Струмица има иднина. А наша обврска е таа иднина заедно да ја создадеме.