Бизнисот на деценијата кој што го направиле Заеви во Струмица за изградба во струмичката касарна, алудира на злоупотреби и матни зделки, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додава дека „сомнежот е дека Сашко Брндевски, бизнис пајташот на Заеви во „Сара Инжинеринг“ бил само параванот во целата постапка, односно лицето кое искеширало 700 илјади евра за плац кој го купува на јавна набавка организирана од градоначалникот Зоран, за потоа поголем дел од неа багателно да ја препродаде на фирмите на Вице и Трајче Заев, за еден еднособен стан“.

– Да се работело за вистински пазарни математики, тогаш сигурно ситуацијата би била поинаква. Зградата која се гради на местото кое Брндевски за џабе го отстапил е со вкупна нето изградена станбена површина од околу 7.000 метри квадратни, која ја градат фирмите на кланот Заеви и доколку ја продавал по принципите кои важат во градежништвото тогаш Брндевски како сопственик на земјиштето би добил околу 25 проценти од вкупната површина, односно околу 1.700 мкв станбена површина. Неверојатно е како Брндевски туку–така се откажал од над 1.650 мкв, кои ако се продадат по пазарна цена од 650 евра за квадратен метар би му донеле заработка околу 1,1 милион евра- вели Јанушев.

Тој потенцира дека „Брндевски се откажува од заработка од околу 1,1 милион евра и ја отстапува само за еден еднособен стан кој пазарно вреди околу 25 илјади евра, давајќи го бизнисот на Вице Заев кој претходно го добил од Зоран Заев“.

– А, Заеви односно компанијата на Вице и Трајче Заев кој во тоа време е управител имаат потенцијален приход од 4,5 милиони евра. Со вакви матни зделки Заеви добивале земјиште во Струмица во време кога Зоран Заев беше градоначалник- додава Јанушев

На изјавата на Јанушев од владејачката СДСМ одговараат дека „ВМРО-ДПМНЕ продолжува да пласира потрошени и лажни случаи“.

– Токму во Струмица ВМРО-ДПМНЕ ги вршеше најсилните и најниски видови на притисоци, закани и уцени пред секои избори, а за време на криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, Општина Струмица беше претворена во епицентар на инспекции и проверки, со што, после сите контроли, инспекциите не успеваа да пронајдат ништо незаконско. Очигледно, опозициската партја не може да се помири со транспарентното и одговорно работење на владата предводена од СДСМ и затоа се обидува да манипулира со потрошени и измислени случаи“- реагираа од СДСМ.