Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека од правна гледна точка и од аспект на граѓаните не треба да се  пристапи кон менување на изборниот модел на неколку месеци пред закажаните предвремени парламентарни избори.

Партијата останува на предлогот за мнозински модел со 120 изборни единици, вели генералниот секретар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, коментирајќи го отсуството на претставник од оваа партија на вчерашната дебата за промена на изборниот модел во една изборна единица, на која поддршка најави и премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев.

Според Јанушев, во напредна фаза се разговорите на работните групи  за изборното законодавство кои очекуваат да бидат донесени што е можно побрзо и да не се остават за пред распишување на изборите. .

– Нашиот став е добро познат и јасен и многу пати кажан во јавноста, прво што треба да се направи е да се усвојат препораките од страна на ОБСЕ ОДИХР и секако на канцеларијата на Европската Унија, и тука работните групи работат и се веќе во, можам да кажам, една напредна фаза. Очекуваме што е можно побрзо истите да се донесат бидејќи е неопходно, да не го оставаме тоа непосредно во периодот пред распишувањето, односно започнување на изборите, рече Јанушев, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција.

Без оглед дали ќе биде прифатен или не нивниот предлог за мнозински модел со 120 изборни единици, како што вели Јанушев, не треба да забораваме дека менување на изборен модел на закажани и договорени избори на неколку месеци од сега од правна гледна точка и од аспект на граѓаните исто така не треба да се случи.

– Меѓутоа,  секако дека она што го предлагаме го оставаме како една отворена врата да продолжиме со разговорите, нормално ако најдеме заеднички јазик, онака како што е правено секогаш во минатото со консензус помеѓу политичките партии истото да се случи и во идниот период, рече Јанушев.

Прашан дали има пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои би гласале за една изборна единица генералниот секретар на оваа партија рече дека нивната пратеничка група во Собранието ги почитува правилата на она што го имаат како партиски став.