Јапонката Кане Танака – највозрасната личност на светот, го прослави својот 119. роденден, објавувајќи дека е решена да го продолжи рекордот за уште една година.
Танака, која, според наводите, ужива во газирани пијалаци и чоколадо, вчера го одбележала својот голем ден со вработените во домот за стари лица каде што живее – во префектурата Фукуока во југозападна Јапонија. Според Гинисовата книга на рекорди, статусот на Јапонката ѝ бил признат во март 2019 година, кога имала 116 години, па оттогаш само продолжува да го надградува својот рекорд.
Танака е родена на 2 јануари 1903 година шест месеци пред Џорџ Орвел, на пример. Го доживеа владеењето на дури пет јапонски цареви, а се надева и дека ќе го прослави својот 120-ти роденден, објави новинската агенција Кјодо.
Танака е една од големиот и сѐ поголемиот број јапонски стогодишници. Јапонското Министерство за здравство, во проценката од септември, во пресрет на годишниот Ден на почит кон старите лица, објави дека рекордни 86.510 лица имаат 100 или повеќе години, што е зголемување за 6.060 во споредба со претходната година.