САД сметаат дека градењето силни економски и безбедносни врски со Виетнам е приоритет, изјави денеска американската министерка за финансии Џенет Јелен на средба со виетнамски функционери за време на посетата која е со цел зајакнување на американското влијание низ Азија.

Јелен пристигна во Виетнам по посетата на Пекинг и Индија, каде што присуствуваше на финансиските состаноци на Групата 20 големи индустриски економии.

– САД го сметаат Виетнам за клучен партнер во промовирањето на слободен и отворен Индо-Пацифик, му рече Јелен на виетнамскиот премиер Фам Мин Чин.

– Виетнам е исто така близок економски партнер, при што нашиот трговски биланс достигна рекордно ниво минатата година, а САД се најголем извозен партнер на Виетнам, додаде таа.

Виетнам стана главен извозен производствен центар за глобалните производители како што се јужнокорејските LG и Samsung Electronics и производителите на автомобили како Honda и Toyota.

Јелен се сретна и со гувернерот на виетнамската централна банка Нгујен Ти Хонг и најави нов дијалог за економската политика меѓу Државната банка на Виетнам и Министерството за финансии на САД.

Таа, исто така, се заблагодари на „блиската соработка“ меѓу САД и Државната банка на Виетнам и додаде дека САД ќе продолжат да го поддржуваат растот на Виетнам што ќе биде од корист и за Виетнамците и за Американците.

Нејзината посета е дел од тековните напори на САД да се спротивстават на зголеменото влијание на Кина во индо-пацифичкиот регион. Претходно годинава, државниот секретар Антони Блинкен го посети Виетнам и вети дека ќе ги подигне односите на повисоко ниво.

Дипломатските односи меѓу двете земји беа обновени дури во 1995 година.

Границата на Кина е на помалку од 96 километри од Ханој, а Виетнам, како и многу соседи на Кина, има поморски и територијални спорови со Пекинг во Јужното Кинеско Море. Сепак, Кина е најголемиот трговски партнер на Виетнам.