Словенија да го блокира почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ се додека не бидат ослободени осудените за 27 април и не биде овозможено праведно судење.

Ова од министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар, го побара пратеникот во словенечкиот парламент и лидер на Словенечката национална странка, Змаго Јелинчич Племенити.

– Република Македонија чека потврда од Европскиот совет за почетокот на пристапните преговори, при што своја согласност мора да даде и словенечката Влада. На 27 април 2017 година Република Македонија претрпе една од најтешките повреди на уставното уредување на државата, кога пратениците на владејачката коалиција наспроти сите законски прописи го избра новиот претседател на Парламентот, Талат Џафери, поранешен командант на терористичката ОВК. Набргу потоа лидерот на СДСМ и сегашен премиер, Зоран Заев, нагласи дека очекува најстрога казна за сите демонстранти што упаднаа во Парламентот. На тој повик, како продолжена рака, следуваше реакција на Јавното обвинителство, кое 33 демонстранти обвини за терористичко дејствување. Меѓу нив беше и светски познатиот оперски пејач Игор Дурловски, кој на протестот само ја пееше македонската химна, наведува Јелинчич во широкото образложение на својот предлог.

Тој потсетува дека без докази, во политички мотивирани и монтирани судења, на кои им судеше судијка позната по блискоста со владејачкиот СДСМ, 16 демонстранти беа осудени на вкупно 211 години затвор или во просек по 15 години поединечно.