Јас не можам да зборувам од аспект на тоа колку можеме да очекуваме од нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави кога станува збор за нашата интеграција во Европската Унија. Јас само можам да кажам дека ние ја користиме секоја прилика, секоја можност да ги презентираме нашите аргументи. Тоа е тоа кое што мене ми е важно и тоа е тоа кое што е важно на луѓето од владата, посочи од Њујорк премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МРТ.

-Затоа што премногу пати во минатото сме имале случувања кога аргументите коишто биле претставувани практично не биле аргументи односно немало аргументи. Имало само климање со глава, имало коленичење, имало виткање кичма и таква била во суштина надворешната политика последните седум години кога била владата на СДСМ. Тоа било однесувањето на луѓето на СДСМ, луѓето од ДУИ тотално незаинтересирани за било какви аргументи во насока на одбрана на она кое што претставуваат државни и национални позиции на нашата земја. Така што отприлика тоа е нашата цел во овој момент, да се обидеме практично да ги пренесеме нашите позиции, нашите аргументи па нашите соговорници нека ценат и нека судат дали сме во право или не сме во право, рече Мицкоски.

Прашан како го толкува ставот што Софија сака да се движи билатерално, а не со помош на Европската Унија, Мицкоски истакнува дека досегашните средби на билатерално ниво коишто ги имаше и претседателката, но и министерот за надворешни работи, на надворешна трговија, се средби коишто тој ги вика средби колку да се случат средби.

-И тука имате вие брифирање после тоа на кога ќе завршат тие средби, брифирање од соговорниците, секое со сосема различна вистина од тоа кое што е разговарано на состанокот. Нашата идеја кога велиме да се вклучи и Европската Унија е со цел да ги слушнат и нашите аргументи и аргументите на другата страна. Јас знам која е загриженоста од страна на официјална Софија. Тие велат, ако ние седнеме во присуство на трет партнер, тоа значи дека навистина имаме билатерален спор. И навистина ние имаме билатерален спор. Ние можеме да измислуваме, да се правиме дека немаме ние во суштина навистина имаме билатерален спор којшто е сега на својот почеток. И додека е на почеток јас тоа го кажав и во мојот говор вчера, ние треба да водиме дијалог. И токму поради тоа ни се потребни претставници на мултилатерални организации, во случајов Европската Унија, за да ги слушне аргументите. Во ред, ако аргументите на нашиот, би рекол во случајов соговорник, ги совпаѓаат нашите, ние ќе речеме во ред, вие сте во право, простете, ние погрешивме, тоа е што е. Но добро е да бидат слушнати. Тие нема да сакаат. Тие цело време ќе се обидуваат да пред официјален Брисел кажат еве водевме преговори, седнавме, разговаравме, но пред било што да се случи тие мора да го променат уставот, тоа е нивната позиција, рече премиерот во интервју за МРТ.

Премиерот посочи дека тој и владата се подготвени да разговараат додека не се најде решение.

– Нашата позиција е ние не можеме да влеземе во било каква авантура без да знаеме дека крајот е на дофат и дека јасно го гледаме крајот. Не би сакале да влеземе во процес којшто континуирано потоа ќе ни се поместува. Зошто? Затоа што еве ќе бидам најотворен и најдиректен. Утре да ги отвориме преговорите, секое поглавје, секој кластер ќе треба потоа да се гласа во националните парламенти кога се затвора на земјите членки на Европската Унија. Тоа е најмалку осумдесет пати можност на ние повторно да добиеме нови побарувања. Како тоа ќе изгледа? Ќе излезе некоја порадикална структура во парламентот на нашиот источен сосед, и потоа овие помејнстрим политичарите ќе речат знаете, мораме сега поради домашни проблеми повторно да ги блокираме, знаете, руско влијание, вакво влијание, ние се бориме против тоа руско влијание, знаете овие се лошите Руси, ние сме добрите Бриселци, и отприлика така сето тоа ќе изгледа. Јас во тој процес нема да влезам. Затоа ние имаме и предлози како да го надминеме овој процес, како да го издигестираме заеднички. Ако сме партнери, бидејќи ние сме партнери во една друга мултилатерална структура, а тоа е НАТО алијансата. Така што ако таму сме партнери, во тоа семејство, логиката вели дека и тука треба да сме партнери. И на крајот од денот, во интерес и на официјална Софија е да ние бидеме дел од Европската Унија. Мислам тоа се тие добрососедски односи. Така што ние сме подготвени да разговараме. И ќе разговараме сè додека не најдеме решение. Тоа е демократијата. Тоа е современиот свет. Да се разговара, да се разговара онолку колку што е потребно за да дојдеме до заедничко прифатливо решение. А да влеземе во процес во којшто разговараат еве, простете ми, луѓе коишто едните едно брифираат, другите друго брифираат, каде што нема повеќе форма, а нема суштина, нити јас сакам да им го губам нив времето, нити би сакал јас сопственото време да го губам, истакна Мицкоски.