Сепаратистите од Јужниот преоден совет во Јемен одлучија да се откажат од намерата да воспостават самоуправа во Јужен Јемен, во обид да ги поправат нарушените односи со нивните номинални сојузници Саудиска Арабија и ОАЕ.

Претставник на јеменските сепаратисти изјави дека неговата организација се откажува од сонот за воспоставување самоуправа во јужниот дел на Јемен, со цел да се следат одредбите од договорот потпишан во Ријад.

Аналитичарите посочуваат дека организацијата продолжува да се залага за прогласување независност на Јужен Јемен, која постоела како држава од 1967 до 1990 година и дека не е јасно до кој степен членовите на Јужниот преоден совет се посветени на конечното решение за кое се залагаше нивниот сојузник Саудиска Арабија.

Наведувајќи дека согласноста што ја дадоа е резултат на силен притисок од сојузниците Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, претставникот на Јужниот преоден совет потврди дека стратешкото партнерство Арапската сунитска коалиција продолжува и се унапредува.

Договорот потпишан минатата есен во Ријад, на чие спроведување инсистираат Саудиска Арабија и ОАЕ, предвидува постепено прекинување на непријателствата и вооружените конфликти меѓу ривалските, шиитски и сунитски фракции во Јемен.