Јеменските шиитски бунтовници Хути синоќа објавија дека ќе прекинат со нападите со беспилотни летала и ракетирања врз Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и нивните сојузници во Јемен.

Најавата на Хутите уследи откако претходно арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија објави дека ја запира офанзивата врз главното јеменско пристаниште Ходејда, кое е под контрола на бунтовниците.

– По нашите контакти со пратеникот на ОН и неговата молба за прекин на ракетните и нападите со дронови…, ја објавуваме нашата иницијатиза за прекин на ракетните и нападите со дронови врз странските агресори, изјави претседателот на Врховниот револиционерен комитет на Хутите, Мохамед Али ал Хути.

Специјалниот претник на ОН за Јемен, Мартин Грифитс се обидува да ги спаси од пропаст мировните преговори за оваа земја на југот на Арабискиот Полуостров, откако претходната нивна рунда предвидена за септември не се одржа, бидејќи делегацијата на Хутите не допатува на средбата во Женева.

Грифитс се надева дека ќе успее да ги убеди сите страни вклучени во јеменскиот конфликт да дојдат на нова рунда преговори пред крајот на годинава.

Хутите, кои се борат против меѓународно признатата Влада на Јемен, што ја поддржува Ријад, најавија и дека се подготвени за „поширок прекин на огнот, доколку коалицијата предводена од Саудиска Арабија сака мир“.