Од утробата на планината Странџа и денес го слушаме повикот за слобода и единство на нашите браќа до ослободените планини Рила и Родопи, рече потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова на одбележувањето 119-годишнината од, како што го нарекува, Илинденско-преображенското востание во областа Петрова нива заедно со стотици луѓе од цела Бугарија, јавува БГНЕС.
– По тесните планински патишта сè уште ги слушаме тажните тракиски песни на нашите мајки, кои со себе го зедоа, најскапоценото нешто, само своите деца, за да побараат спас во Татковината, рече во својот говор Јотова.
Бугарската потпретседателка натаму продолжи:
– Илинденците и преображенците се соочија со замислата на големите сили и поробувачот, не штедеа ништо во стремежот за слобода и независност, рече Јотова.
Таа како што рече е „против обидите за искривување на бугарската историја“.
– Секој лажен факт е злосторство против следните генерации и подбивање со споменот на хероите кои нема да дозволиме да бидат поделени. Хероите му припаѓаат на бугарскиот народ, за кого го дадоа најскапоценото нешто – својот живот, нагласи потпретседателката.
Јотова е убедена дека Бугарија не заслужува политичари кои не ја познаваат долгата и славна бугарска историја.
– Ваквите политичари лесно ги издаваат националните интереси, вели таа.