Во прекин истрагата за затворената техничка станица која го пропуштила кобниот автобус на Беса транс во Бугарија поради суспензијата и одморите на обвинителките. Собрани се докази, немало план за апсење на министер, а сведоците ќе чекаат разврска на војната во обвинителството. Кои се двете истраги на кои работеше Русковска пред суспензијата и кој ќе ги продолжи, објавува ТВ Телма во својот прилог

Собрани се сите докази, но сведоците кои беа поканети или не се одзваа или пак требаше да дојдат наредната недела, но тоа ќе се одложи поради мојата суспензија и нераспределен нов обвинител за предметот, вака кратко ни одговори обвинителката Вилма Русковска за случајот во кој проструија наводи за планирано апсење на министер, вели Телма.

Русковска ги отфрли ваквите објави за апсење на функционер како медиумска шпекулација бидејќи се уште станува збор за предистрага.

А предистрагата се однесува на непостапувањето во МВР кога со месеци не била потпишана одлуката за забрана за работа на станицата за технички преглед Виа во Сарај.

Иако требало да биде затворен овој технички преглед уште лани во август, министерот Спасовски го потпиша решението дури по трагедијата во Бугарија со автобусот на Беса транс кога загинаа 46 патници меѓу кои 14 деца и малолетници.

Трагедијата се случила откако кобниот автобус неполни два месеци пред несреќата го поминал техничкиот преглед во станицата Виа која требало да биде под клуч поради незаконско работење.

Обвинителството отвори предмет кој течеше се до суспензијата на Русковска која пак лично ја водеше предистрагата. Ги собрала сите докази, но дојде конфликтот со Муареми и суспензија. Предметот сега е во лимбо-состојба затоа што Русковска ја менува Ивана Трајчева по годишниот распоред, но Трајчева е на одмор и не може да го додели на друг обвинител за да ги преземе сведоците.

Доколку се укине суспензијата, Русковска ќе може да продолжи со оваа предистрага, но таа тврди дека засега не биле планирани апсења туку распити на сведоци.

Рускоска го водеше и предметот за финансиската полиција поради кој настрада, а до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција досега не се испратени сите предмети по анонимни пријави формирани од тимот на Арафат Муареми.

Финансиската полиција во петокот информираше дека собрале покрај веќе предадените 35 предмети, уште 150, но Русковска не им одговорила на кој обвинител да ги предадат затоа што таа била ненадлежна, како што утврди надзорот на државното обвинителство.

Русковска ни рече дека нема таква информација, а сега нема ниту пристап до поштата на Обвинителството. Но процедурата е бараните материјали да се достават до архивата, а потоа тие се распределуваат на надлежен јавен обвинител.

Не може финансиската полиција да бира кому ќе праќа информации, појаснува Русковска за Телма. Од друга страна пак меѓу предметите кои се веќе предадени или ќе бидат дадени има завршени истраги со кривични пријави, а тие воопшто не се предмет на истрагата на Русковска.

Државниот обвинител Љубомир Јовевски ни рече дека мора да се внимава со податоците од тековните истраги на финансиската полиција кои ги нарече деликатни податоци и ќе бидат префрлени во ОЈОГОКК.

И вториот предмет на Русковска, за финансиската полиција и Арафат Муареми е во прекин, а продолжението ќе зависи од одлуката на Советот за јавни обвинители за суспензијата на обвинителката.