По катастрофалниот изборен резултат на изборите за Советот на Општина Тетово на кои Алијанса за Албанците не освои ниту еден мандат, а ги имаше три во последниот советнички состав, лидерот на партијата Зијадин Села најави дека вечерва ќе поднесе оставка, потврдуваат партиски извори. Села уште синоќа меѓу сопартијци во Тетого кажал дека ќе поднесе оставка откако од партискиот штаб му јавиле дека Алијанса за Албанците има многу лоши резултати.

Телевизијата Клан објави дека за вечерва е закажан состанок на потесното партиско раководство со единствена тема резултатите од изборите во Тетово и оставка на Села.

Алијанса за Албанците на тетовските избори вчера освои помалку од 800 гласови, што е за речиси пет пати помалку во однос на ланските локални избори за општинскиот совет и во наредниот период нема да има свој советник во Тетово, како многу важен град за секоја партија на Албанците.

Инаку, доцна синоќа носителот на кандидатската листа на Алијанса за Албанците, Aбдула Османи изјави дека во партијата ќе треба да се седне и добро да се размисли за причините за поразот.