Јованка КЕПЕСКА
Секоја вистинска и голема филозофија во основа посакува меѓусебно сретнување и разбирање со политиката. Станува збор, пред се’, за онаа „политичка мисла“, што како критика на општествената стварност е дијагноза на современата духовна ситуација, врвот на мислењето, еднакво релевантна во светски размери за техничката епоха и соответната на тоа организација.
Бидејќи за политичкото дејствување пресудни се одговорите за можностите за развој, се поставува прашањето каков би требало да биде или каков е тогаш вистинскиот однос помеѓу политиката и знаењето.
Појдовно, за одговорот на прашањето се тргнува од филозофското настојување за надминување на отстапувањето на мислењето од стварноста. Хегел таквиот процес го објаснува како процес на три нивоа. Според него, она што како мислење се јавува во апстрактни категории во филозофијата се преточува во конкретната критика за она што ја вршат науките за она што недостасува од претходно сознаеното во стварноста и какви би биле излезните решенија за да се воспостави. На крајот, политиката и економијата, на практично ниво, ја обезбедуваат организацијата на општеството во рамките на која сознанијата се реализираат. Ваквиот критички пристап на мислењето кон стварноста има аналогија само во интегралноста присутна во трудот: во преиначувањето на предметите претходно постои проект, сознајна димензија.
Разбирањето помеѓу мислителот и политиката е можно само кога власта ќе се заземе за резултатите на мислителот, па дури и да го поттикнува мислењето. Но додека на мислителот не му е дозволено да се колеба, да посредува и да толерира, политичарот за да , го оствари она што го смета за вистинско, може да влезе во компромис, да се држи до златната средина, се разбира во тактиката, но не и во стратегијата, за да биде „мудар“, реален политичар.




