Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, гостуваше во емисијата ,,Само вистина“ на телевизија Канал 5, каде се осврна на темата за Изборниот законик, поконкретно за работната група која во моментов работи во Министерството за правда под покровителство на министерот. Тој вели дека СДС е единствената политичка партија која ги напушти преговорите, и според него, тоа е една од недржавотворните одлуки кои опозициската партија ги носи на сметка на граѓаните и угледот на државата.
-Она коешто не можеам да се изначудам, ајде тоа што де јуре вие сте полни со Европа и европски вредности, иако ништо немате направено да не доближите до Европа и ова што значи План за раст, од којшто како опозиција, како партија сте вклучени во еден закон, тоа е изборниот, сте единствената политичка партија која што ги напушта преговорите, рече Пренџов.
Тој кажа дека има политички партии кои учествуваат во работната група, а немаат ориентација како СДС што има кон ЕУ и Брисел, како што вели тој, СДС бара алиби преку изговори како тој за укинувањето на техничката влада.
-И тоа е една од недржавотворните одлуки коишто моментално ги носите на сметка на граѓаните на оваа држава и на сметка на угледот на Република Македонија. На Венко Филипче каприцот нема да биде исполнет со техничката влада и да знаете дека сите реформи ќе ги завршиме на време“, истакна тој и додаде:
-Минатата година Република Македонија, за што треба да пофалиме беше единствената држава од петте држави од Западен Балкан, која што прва ги заврши реформите за Брисел и за Планот за раст и први ги добивме средствата, кои што 2/3 се како ниски кредити, 1/3 се како грантови од страна на ЕУ. Оваа година повторно ќе бидеме први и повторно ќе завршиме 90% од она кое што ни е задача, кажа Пренџов.
Според него, од СДС треба да бидат информирани што се случува на тие преговори, со оглед на тоа што траат повеќе месеци, а напомена и дека еден од потпретседателите на СДС до пред два состаноци бил активен.
-Има големи поместувања, се работеше согласно интересни, согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но ова антидржавно однесување на Венко Филипче и повлекување поради каприци ќе оставам да го ценат граѓаните, заклучи Пренџов.




